Во Германија вчера во промет беше пуштен првиот воз во светот кој за гориво користи водород. Ова е поскапа, но еколошки далеку поприфатлива технологија отколку дизел-возовите кои го загадуваат воздухот
Синиот воз го направи француската компанија Alstom, а прв пат возеше по 100 км долга траса меѓу градовите Куксхавен, Бремехавен, Бремерверде и Букстехуде во северна Германија.
Alstom ги произведува француските возови TGV и од компанијата велат дека планираат да испорачаат уште 14 возови до 2021 година во Долна Саксонија, но и во други делови од Германија каде што ќе има интерес. Возовите на водород се опремени со ќелии кои со комбинација на водород и кислород произведуваат струја со водена пареа како единствен нуспроизвод. Вишокот енергија го складираат во литиум-јонски батерии.
Возот може да помине околу 1.000 км со едно полнење со водород, што е слично како и дизел-возовите. Alstom инвестира во технологија која е позелена, почиста и потивка алтернатива за дизелот, што е привлечно за многу германски градови кои се борат со загадувањето.
Други земји исто така се интересираат за возовите на водород. Меѓу нив се и Велика Британија, Холандија, Данска, Норвешка, Италија и Канада.Франција веќе се изјасни дека до 2022 година сака да има возови на водороден погон по пругите.