Стопанската комора бара да се намали акцизата за пиво!

- Advertisement -

Стопанската комора на Македонија бара акцизата на пивото да се намали од четири на три денари за литар алкохолен степен, па наместо 32,5, да изнесува 24,4 евра.

Од Комората велат дека производството и продажбата на пиво во изминатите десет години бележи негативен тренд, а најголеми причини за тоа се токму зголемената акциза од 2013 година, но и воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008, како и временото ограничување на продажбата што до скоро беше во сила.

- Advertisement -

Да се намали акцизата за пивото од четири на три денари за литар алкохолен степен и да се укинат лиценците за објектите кои продаваат алкохол, бара Стопанската комора. Со овие мерки би се подобрила состојбата на индустријата за производство на пиво која последните 10 години има тренд на намалување наспроти европските земји каде има годишен раст од еден до два отсто во оваа гранка.

Како причина за падот на производството на пиво во земјава, комората ги посочуваат мерките што ги преземаше претходната влада во 2008 и 2013 година со кои се органичи продажбата на алкохол, се воведоа лиценци за продажба на алкохол и се зголеми акцизата за пивото на 33 отсто.

- Advertisement -

– Тоа влијаеше за просечно годишно намалување на потрошувачката и производството на пиво за 110.000 хектолитри или за 16 отсто. Во 2008 година се трошеле 680. 000 хектолитри, а во 2018 година планирано е да се потрошат 570.000 хектолити. Потрошувачката на пиво по глава на жител, пак се сведе од 33 на 28 литри што е најниска во Европа – изјави в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева – Ѓуриќ на денешната прес-конференција.

Потрошувачката на пиво во Бугарија и Романија е 75 литри по жител, во Хрватска над 81 литар, а во Чешка која држи рекорд, 140 литри.

- Advertisement -

– Акцизата, пак, за разлика од македонската која достигнува 32,5 евра, во Романија е 8,6 евра, во Германија 9,44, во Чешка 14,69 евра, а во Хрватска 25,89 – рече таа.

Пресметките на производителите на пиво што ги презентира Пеева – Ѓуриќ, се дека ако акцизата се врати на три денари по литар алкохолен степен, цената на пивото би била пониска, а потрошувачката би пораснала на 680 илјади хектолитри како пред воведувањето на повисоката акциза. Разликата од 110 илјади хектолитри ќе значи 2,5 милиони евра плус приход во Буџетот.

 

Од комората предупредија дека доколку не се укинат лиценците за продажба на алкохол во трговските објекти дополнително ќе се намали продажбата на пиво, а тоа ќе влијае и на приходите на трговските објекти каде што продажбата на алкохол сочинува 60 отсто.

Сподели!
- Advertisement -