Општина Аеродром со 560 000 денари ќе субвенционира печки на пелети за семејствата на територија на општината коишто не се приклучени на градската мрежа за парно греење, најави на прес-конференција градоначалникот на општината, Златко Марин.
Секое домаќинство може да добие најмногу 15 000 денари.
Градоначалникот појасни дека огласот ќе биде прецизиран на следната седница на Совет, а по распишувањето граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенцијата.
„Општина Аеродром за оваа година има предвидено во буџетот 300 000 евра за заштита на животната средина, што е за 20 пати повеќе отколку сите досегашни буџети“, рече градоначалникот Марин.
Општината, како што додаде, веќе инвестирала во прочистувачи на воздух во сите градинки, а во зависност од буџетот за следната година, Марин најави прочистувачи и за основните училишта.
Во рамки на грижата за заштита на животна средина, градоначалникот соопшти дека 1 800 нови садници ќе бидат засадени на територијата на Аеродром, а ќе бидат направени и четири нови паркови во Мичурин и во стар Аеродром.