Ричард Бренсон го оствари првиот авионски лет со гориво направено од индустриски отпад

- Advertisement -

Авион на компанијата Virgin Atlantic на милијардерот Ричард Бренсон го направи првиот комерцијален лет со гориво направено од рециклиран индустриски отпад. Авионот „боинг 747“ леташе од Орландо до Лондон со гориво направено од керозин помешан со етанол добиен од отпадните гасови.

„Ова гориво ги зема отпадните гасови богати со јаглерод од фабриките и им дава втор живот за да не мора да се вадат фосилни горива од земјата. Овој лет беше голем чекор напред кон правење ново гориво“ изјави основачот на Virgin Atlantic, Ричард Бренсон.

- Advertisement -

Во горивото имало 5% рециклиран индустриски отпад. Сепак, од Virgin Atlantic велат дека во иднина тој процент ќе се покачи на 50% и дека тоа значително ќе придонесе за намалување на загадувањето со јаглерод диоксид.

Американската компанија LanzaTech го направи новото гориво. Компанијата тврди дека новата мешавина ќе може да задоволи барем 30% од потребите на авиоиндустријата во иднина. Ако тоа навистина се оствари, тоа ќе значи намалување за 65% на емисијата на стакленички гасови во споредба со конвенционалното гориво.

- Advertisement -

Бренсон изјави дека соработката со LanzaTech ќе и помогне на неговата компанија да ја намали емисијата на гасови и ќе го помогне развојот на авиоиндустријата во Велика Британија. Virgin Atlantic бара поддршка од британската влада за изградба на три фабрики за производство на вакво гориво до 2025 година. Бара и финансиска поддршка за LanzaTech, за компанијата да може да произведува до 473 милиони литри гориво секоја година.

Сподели!
- Advertisement -