Сликовниците „Еко дете“ на „Визарт“ се читаат и се садат

- Advertisement -

„Еко дете“ е специјализирана колекција за деца изработена од рециклирана хартија, која може и да се засади бидејќи во себе има семе од различни цвеќиња и зачински билки. Во разговор за „Иновативност“, Јасмина ни открива како дојдоа до идејата од отпад да создадат цвеќе!

(Разговараше- Сања Наумовска)

Уникатна, интересна, еколошка, но и со силна инклузивна порака, тоа е колекцијата „Еко дете“, еден од победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи организран од АРНО. Тоа се одликите и на целиот концепт на кои Јасмина Главинчевска и нејзините соработници ја базирале работата и мисијата на „Визарт“. Да се работи со лица со попречености, а воедно да се создава нешто еколошко и одржливо, како на пример, честитки од садлива рециклирана хартија не е само бизнис, туку и голема хуманост. Јасмина и „Визарт“ ни даваат на сите нам можност да подариме цвеќе на еден сосема невообичаен начин, и притоа да бидеме не само уникатни, туку и одговорни.  Наградената „Еко дете“, пак е специјализирана колекција за деца изработена од рециклирана хартија, која може и да се засади бидејќи во себе има семе од различни цвеќиња и зачински билки. Во разговор за „Иновативност“, Јасмина ни открива како дојдоа до идејата од отпад да создадат цвеќе.

- Advertisement -

Јасмина, колекцијата „Еко дете“ беше еден од победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи организран од АРНО. Може ли да ни објасните за каква идеја станува збор?

На натпреварот учествувавме со идејата насловена како „Еко-дете“, колекција од производи за деца  од рачно изработена, рециклирана хартија, која во себе содржи семиња од најразлични растенија. Хартијата може да се засади во земја и со мала грижа од неа ќе изникнат разнобојни цвеќиња или миризливи зачини. Накратко, нашата замисла е децата во градинките и школите да собираат стара, употребена хартија,  во специјални, брендирани кутии, а „Визарт“ заедно со своите соработници, лица со посебни потреби, во дневните центри од неа да прават нова хартија, од која ќе бидат изработени сите производи од колекцијата „Еко дете“. Во соработка со институциите, децата кои ќе бидат најодговорни и ќе соберат највеќе хартија ќе бидат наградувани.

- Advertisement -

Што се` ќе содржи колекцијата Еко дете?

- Advertisement -

Колекцијата се состои од еколошки дизајнирани сликовници, боенки, блокчиња за цртање, конфети, покани за родендени, картички и слично. Овие производи се интегрален дел од развојот на децата, а истите изработени од „садлива“ хартија освен што се еколошки се и едукативни и интерактивни. А по употребата децата ќе треба да ги засадат. За првпат кај нас и во регионот ќе им овозможиме на родителите и сите останати купувачи да изберат еколошки, несекојдневни производи од хартија наменети за најмладите.

Едукацијата на најмладите да ја чуваат животната средина е клучно за обезбедување опстанок на планетата. Како образовниот дел е вклопен во концептот на Еко дете?

Ваквите производи за децата ќе бидат  тактилен показател дека отпадот ако правилно се третира може да се реупотреби.  Преку нив тие ќе имаат  прилика да видат, допрат и употребат производи кои се изработени токму од таков отпад, поточно од хартијата кои тие грижливо ја собирале. Тоа што ќе бидат вклучени во еден таков процес,  ќе направи да се чувствуваат горди, одговорни еко-херои кои ја штитат животната средина. Хартијата со семиња и фактот дека таа може да се засади ќе ја потикне нивната љубопитност, но и  ќе ги мотивира да го селектираат отпадот и да создаваат зеленило, а не ѓубре. Преку создавањето на своите мини градини, ќе воспостават директен контакт со природата, кој барем малку ќе ги отргне од електронските уреди. Текстуалниот дел и визуелните теми кои ќе бидат илустрирани во овие производи, ќе бидат исто така со едукативна порака. Екологија, детски права, правата на лицата со посебни потреби, тајниот свет на природата и сл. Децата  не само што се најискрени, тие се силен коректив кој ќе има огромно влијание во градење на општество со високи вредности.

„Визарт“ веќе седум години се занимава со производство на садлива хартија. Како дојдовте до оваа идеја?

Нашата приказна започна пред околу седум години, кога случајно ја „откривме“ хартијата. Не сме нејзини изумители, идејата е многу стара, но ние сме единствени кои ја имплементираа на нашиот пазар. При осмислувањето и дизајнирањето е потрудивме нашите нови производи од колекцијата Еко дете, да бидат  иновативни, бидејќи според нашето истражување, производи од ваков тип досега не постоеа на пазарот.

Објаснете ни како се создава садлива од обична хартија?

„Садливата“ хартија ја правиме рачно и со огромна љубов и посветеност. Собираме и селектираме хартиени отпадоци, најчесто тоа е употребена канцелариска хартија. Од неа правиме хартиена каша кој се извлекува во специјални сита (калапи) и создаваме нови листови хартија. Откако ќе се исушат, врз нив ги печатиме дизајните, обликуваме и создаваме најразлични производи.

Какви производи дизајнирате од садлива хартија?

Можеме да дизајнираме секаков вид на промотивен материјал, честитки, календари, покани за свадба или накратко буквално сè што може да се изработи и од обичната хартија. Кога ќе си ја изврши својата примарна намена, секој продукт може да се засади. Дома во саксија или во двор, ја поставувате хартијата хоризонтално врз почвата. Полевате со вода. Врз неа додавате тенок слој земја. Внимавте почвата да не се исуши.  За околу седум до максимум 14 дена, во зависност од семињата, ќе бидете сведоци на раѓањето на нови, зелени никулци. А за три до четири месеци ќе уживате во разнобојноста и опојните мириси на вашите први цвеќиња и зачини. Растенијата, со помош на вашата љубов и посветеност ќе станат ваши вистински пријатели.

 

Како реагираат купувачите на фактот дека можат да ја засадат, на пример, честитката?

Овој несекојдневен производ буквално секој го доживува со силно воодушевување и остава силен впечаток. Многу често буди насмевки на лицата, бидејќи и самите купувачи ја чувствуваат магијата и јасно ја препознаваат пораката која во себе ја крие едно вакво парче хартија. Садливата хартија ги прави  горди и нашите верни клиенти бидејќи преку нејзината примена тие покажуваат дека се општествено одговорни, дека се грижат за заштитита на животната средина и  пренесуваат порака за важноста од промена на нашите навики. Зошто да создаваме отпад, кога може да создаваме растенија!

Сподели!
- Advertisement -