На 03.11.2018 (сабота) во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот, а во партнерство со Стопанска банка АД – Скопје, ќе се одржи натпреварот NASA Kids Space Challenge, кој е дел од интернационалниот натпревар NASA Space Apps Challenge. Почетокот на натпреварот е закажан за 10:00 часот и ќе заврши во 14:00 часот, локација i-Bank Store во ГТЦ, Скопје (Кеј на Вардар).
Целта на настанот е децата да добијат можност за изразување на својата креативност и од мали нозе да се поттикне нивната љубопитност за истражување на вселената и љубовта кон науката. Децата за време на натпреварот ќе работат на решавање на реални предизвици со кои се соочува човекот за време на планирањето и реализирањето на вселенските мисии и истражувања, но и при животот на Земјата. Децата се на возраст од 6 до 10 години и ќе работат во тимови со насоки претходно дадени од ментори. Преку цртање, боење, моделирање со глина, сечење, лепење и создавање на модели, децата ќе имаат можност да креираат едукативна вселенска игра, да дизајнираат вселенско одело на иднината, да ги планираат идните вселенски патувања и мисиии, како и да размислуваат како би изгледал животот во иднина на Земјата или некоја друга планета.
На крајот на натпреварот од 13 до 14 часот, децата ќе ги изложат своите изработки во
i-Bank Store на Стопанска Банка АД – Скопје, по што ќе бидат прогласени победниците.