Полицијата во Дубаи почна да ги тестира летачките моторцикли и да ги обучува полицајците како да ги возат со цел тие за што пократко време да можат да стигнат до инаку недостапни предели. Генералниот директор на Одделот за вештачка интелигенција во Дубаи, Калид Насер Аллразуки, вели дека полицајците веќе учат како да летаат со моторциклите.
Hoversurf е руската компанија со седиште во Калифорнија која на Дубаи му ја подари првата серија од моторциклите EVTOL (кратенка од електричен велосипед со вертикално полетување и слетување) откако минатата година беше потпишан договор.
Футуристичките возила треба да станат дел од редовната флота на полицијата до 2020 година. Деновиве на YouTube се појави видео на кое се гледа како еден полицаец управува со летачки моторцикл. Како што велат властите на Дубаи, моментално има два тима кои се обучуваат, а во иднина тој број ќе се зголеми.
Од компанијата Hoversurf велат дека очекуваат во наредниот месец полицијата на Дубаи да направи нарачка за моторцикли и дека ќе им направат толку колку што ќе посакаат. И Hoversurf и полицијата на Дубаи велат дека ова е само почеток на нешто многу поголемо.