Три месеци и беа потребни на битолската средношколка Евгенија Дивитарова за да успее да ја направи CNC машината за гравирање со ласер, што и го донесе признанието за млад иноватор, на натпреварот „Макинова“. Нејзината машина е наменета за површинско гравирање врз некаков материјал
Иако ја направила сама, не заборава да ја спомене поддршката што ја имала од своите родители, и посебно од нејзиниот брат и менторката Билјанка Христовска.
„Претходно имав изработено CNC plotter и сакав да си зададам поголем предизвик“, раскажува младата иноваторка.
Идејата за машината за имала уште пред да започне пријавувањето на натпреварот. Почнала да ја реализира за време на летниот распуст. Вели, тоа било неопходно за да стигне да ја направи, па со неа да се претстави на „Макинова“.
„Чувството е многу убаво, вложив многу труд за да ја добијам оваа награда“, кусо одговара Дивитарова, запрашана за нејзиите очекувања од натпреварот.
Таа е меѓу ретките девојки во конкуренција кои досега ја освоиле оваа награда.
„Најчесто, се уште се смета дека инженерството е машка професија, постојат многу стереотипи дека машките обично се занимаваат со овие работи. Оваа награда можеби ќе биде поттик за останатите девојчиња да се занимаваат во оваа област“, забележува таа.
Малите CNC машини, вели се изработуваат од CD/DVD читачи што за неа не било вистински предизвик. Додава и дека машините, како нејзината, најчесто се користат во индустријата за сечење, обликување и гравирање на некои предмети. Учеството на „Макинова“ пак, настан што беше поддржан од Светската организација за интелектуална сопственост (Берин), за неа е доказ дека младите треба да се вклучуваат во иновативните проекти.
„Младите треба повеќе да се вклучуваат во вакви иновативни проекти, да не го трошат своето слободно време непотребно, туку да се занимаваат со некои вакви интересни работи со кои ќе стекнат повеќе искуство, креативност и знаење“, е советот на младата иноваторка.
Ева Наумовски
Radiomof.mk