По втор пат во Македонија на 5 декември ќе се случува настанот „Конференција за 200 Жени Претприемачки“, кој оваа година ќе порасне од 100 на 200 претприемачки. Организаторот, Kasia Еvents, ветува забава, инспирација, мотивација, вмрежување…
Една од гостинките на оваа конференција е Лидија Марковиќ Росати од Србија. Таа е претприемачка и стратегист за перформанси, која патува ширум светот во улога на ментор на млади жени претприемачки и корпоративни тимови со цел да им помогне нивните идеи да се издигнат на повисоко ниво и да станат успешни профитабилни бизниси.
Лидија е најпродаван автор на книгата Gaining While Losing – The Gentle Art of Transformation, каде што објаснува како изгубила неверојатни 44 килограми и успеала да достигне значителен раст во нејзиниот бизнис.
Иновативност имаше задоволство да направи интерву со нејзе пред нејзиното доаѓање во Скопје!
(Разговараше – Верица Јорданова)
Г-ѓа Лидија, во декември ќе бидете дел од конференцијата на 200 жени-претприемачи. Кои се вашите очекувања и што да очекува македонската публика од Вас?
Се радувам што ќе имам прилика да и се обратам на македонската публика. Моето искуство со публиката тука секогаш е фантастично, па очекувам дека и овој пат ќе биде исто. На конференцијата ќе зборувам за важноста да се промени свеста за финансиите, особено кога е во прашање женското претриемништво.
Работите со жени-претприемачи од целиот свет. Кои се најголемите пречки со коишто се соочуваат? Постојат ли некои универзални ограничувања кои се однесуваат на жените, без оглед на сите останати фактори и како да се решат?
-Најчестата препрека кај жените претприемачи на глобално ниво е неспособноста да кажат НЕ. Прифаќаат и најчесто на себе носат најголем дел од товарот, преземаат одговорност за се и сешто, недостигот од самодоверба и самовреднување. И понатаму некаде во колективот несвесно постои ограничувачко уверување дека вистинскиот бизнис и претприемништвото сепак се резервирани само за машката популација на планетата. Понатаму, жените многу често забораваат на својата женственост и целосно се одвојуваат од својата суштина, па преземаат карактеристики од мажите, поради што стануваат послаби и си го отежнуваат водењето на бизнисот. Од друга страна, имаме жени кои нудат квалитетни услуги (производи, консалтинг, коучинг) и умеат да се чувствуваат неугодно кога треба да ги наплатат своите услуги, избегнуваат директна и отворена комуникација, а сето тоа од страв дека ќе ги „изгубат“ потенцијалните клиенти/проекти/прилики. Во суштина, ако некој не умее да ја цени вредноста на трудот, дали воопшто спаѓа во категоријата идеален клиент?!
Може ли да ни кажете нешто повеќе за техниката Momentum Strategies? Каква техника е таа и како и каде се применува?
-Методата Momentum е сбир на алатки наменети за претприемачите од модерната доба. Користи техники од бизнис коучинг, лидерство, ефектна комуникација, неуролингвистичко програмирање, конверзациска хипноза и др.
Многумина велат дека волјата е најбитна – и во бизнисот и во приватниот живот. Каков е вашиот став по тоа прашање?
-Волјата е префорсирана и не е доволна. Таа е само еден од факторите. Луѓето можат да сакаат да направат нешто, но сепак да тапкаат во место. Она што е битно е врската со самите себе, јасната, чиста, директна комуникација со себеси/тимот. Тоа е причината поради која сакаме да почнеме некој бизнис или да го прошириме бизнисот глобално. Кога знаеш да правиш нешто, тогаш успехот и задоволството се неминовни. Најголем дел од луѓето забораваат на трите клучни работи кога е во прашање профитабилниот и успешен бизнис. Битно е најпрвин да бидете и да ги имате сите квалитети на личност која е успешна во тоа што го работи, потоа да преземете вистинска инспиративна акција која дава резултат, па најпосле да уживате во резултатите.
Без оглед на ограничувањата кои ги имаме како жени во светот на бизнисот, кои се основните совети кои им ги давате на жените со кои работите?
-Да се зајакнат себеси пред да навлезат во претприемништвото; да имаат јасна визија и прочина поради која го почнуваат бизнисот; да не се споредуваат со другите, туку да го следат својот пат; да постават јасни емоционални граници и да не бидат премногу достапни; да го вреднуваат своето и туѓото време; да научат да веруваат во својата интуиција кога треба да се носат клучни одлуки; да станат извонредни во читањето меѓу редови, со други зборови, да станат врвни комуникатори, вешти во читањето на говорот на телото; да се охрабрат и да си дозволат себеси смело да кажат НЕ на се што не е добро за нив и за нивниот бизнис; да престанат да бидат извршители на туѓите желби; да не се лактат, да не се туркаат; да се радуваат на успехот на другите жени; да се опкружат себеси со искрени, мудри, успешни жени кои го изградиле својот бизнис врз автентичност и интегритет и се разбира, да си ја чуваат својата автентичност и интегритетот затоа што тоа никој не може да им го земе. Успешниот бизнис се заснова на автентичност, искреност и интегритет. И секако, да одат #nežnonapred.
Дали е неопходно да се работи и со машкиот пол во корпорации или тимови за да се сфати потенцијалот што го имаат жените, а и да се разбијат стереотипите кои евентуално постојат?
-Секако. Јас тоа го работам со корпорации и тимови глобално, заедно со Томас Бјорге, кој е еден од говорниците на конференцијата.