Регистар на адвокати и здруженија за давање на правна помош, податоци за прифатилишта за бездомни кучиња или пак информации за најчести прекршоци на јавниот ред и мир од 2010 до 2017 година. Ова се само дел од 115-те податочни сетови од 42 институции на порталот за отворени податоци кој денеска го промовираше Министерството за информатички општество и администрација.
Министерот Дамјан Манчевски, кој ги претстави техничките можности што ги нуди порталот, посочи дека дел од податоците достапни на порталот се објавуваа за прв пат, дел се и претходно објавени, но сега се достапни на едно место, систематизирани и во формат којшто е лесно разбирлив.
“Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, посочи Манчевски.
Министерот додаде дека ќе се зголемува бројот на институции и бројот на податоци кои ќе бидат достапни преку порталот.
“Тоа ќе биде процес кој никогаш нема да заврши. Тоа ќе значи и дополнителен притисок од јавноста за поголема транспарентност и отворање на податоците. Тоа е здраво, ќе ги мобилизира институциите, ќе ја крене свесноста за важноста од транспарентноста кај сите институции и на крајот ќе ја направи власта подобра. Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари, и што е најважно може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, објасни министерот.
Стратегијата и порталот за отворени податоци се изработени во рамки на проектот „Поддршка на процесот на реформи на јавната администрација“ имплементиран од Центарот за управување, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.
„Кога една влада објавува поголем дел од податоците што ги поседува, покажува дека не ги крие од граѓаните. Објавувањето на податоците е предуслов за да имаме Влада до којашто граѓаните имаат лесен пристап и од којашто добиваат поквалитетни услуги. Кога граѓаните на едно место можат да најдат информации за училиштата каде да што сакаат да ги запишат своите деца и како тие училишта котираат, или пак податоци за здравствените работници и цената на услугата којашто тие ја нудат, тогаш граѓаните имаат подобри информации за тоа како се трошат нивните пари и како системот може да испорача подобри резултати за нив. Преку овој пристап се промовира култура на отвореност каде граѓаните се активно вклучени и се води сметка за нив. На овој начин граѓаните ги перципираат владите како ефективни“, истакна амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј.
Порталот за отворени податоци може да се најде на следниов линк: https://datagovmk.keitaro.app/