Битолска млекара 2018 година ја завршува со позитивен раст на вкупната продажба и задржување на лидерската позиција во млечната индустрија.
Како лидер на пазарот, компанијата бележи рекордни резултати во продажбата на чоколадно млеко и павлака, како и пораст во волумени од 3,8% во категоријата функционални јогурти и 2,4% во категоријата кисело млеко во однос на 2017 година.
Дополнително, Бимилк забележа значителен пораст и во однос на извозните количини во регионот, а во 2018 година компанијата повторно ги отвори вратите и кон Црна Гора, пласирајќи ги своите кисело-млечни производи што се исклучително прифатени од страна на потрошувачите.
Исклучително внимание беше посветено и на севкупниот развој на примарното млекопроизводство преку низа стимулативни мерки за фармерите кооперанти, што се одразуваше и на севкупниот млечен пазар во земјава. Преку вложувањето во современа опрема и технологија за преработка на млеко, континуираната едукација на фармерите, набавката на сточна храна, механизација и опрема, како и навремената исплата, Бимилк долгорочно ги гради партнерските односи со своите кооперанти и успева да се соочи и со предизвикот за сè поголема потреба од квалитетна суровина.
Меѓу другото, Бимилк сериозно дејствува и во насока на заштита на животната средина, подигнувајќи ја еко-свесноста на компанијата на највисоко ниво и во сите сегменти од своето работење. Во таа насока, во 2018 година е најавена инвестиција во прочистителна станица во рамките на фабриката и започнат е процесот на набавка и инсталација на постројка за третирање на отпадните води, со што значително ќе се подобри квалитетот на отпадната вода, а со овие чекори компанијата прави значителна разлика и за заедницата и придонесува за решавање еден сериозен општествен проблем.
На крајот, но не помалку важно за 2018 година е и континуираното вложување во општеството кон сите социјално ранливи категории и за сите општествено значајни теми. Во контекст на актуелните проблеми со загадувањето на воздухот, на иницијатива на Битолска млекара, на почетокот од годинава беа донирани 14 прочистувачи за воздух во детските градинки во Битола, а продолжи и соработката со различни невладини организации и здруженија, со цел заедничко решавање на проблемите од општествен карактер. Истовремено, сакајќи да дејствува и во насока на поттикнување на навиките за здрав и активен начин на живот, компанијата оствари и две донации од Баланс+ спортско-рекреативните зони во Скопје и во Битола, а во план се и нови рекреативни зони за други општини во Македонија.
Од Бимилк велат дека позитивните трендови, растот на продажбата и проширувањето на своето портфолио, како и понатамошното вложување во заедницата и развојот на еко-свесноста се стратешки приоритети на компанијата и за 2019 година, со цел да придонесат и за севкупниот развој на општеството во кое дејствува таа.