За редовен и автоматски поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници, Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање. Ова беше истакнато денес при работната посета на министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на УЈП Сања Лукаревска на Регионалната дирекција на УЈП во Скопје.
-Преку развојот на Модулот за автоматско пребивање се воспостави систем за неселективен и автоматски поврат на даноци кон даночните обврзници. Пример за тоа е повратот на ДДВ кон претпријатијата во 2018, кој беше брз и неселективен. Минатата година реализираниот поврат на ДДВ изнесува 23,1 милијарда денари и тој е за 19,3% повисок од 2017 година.-рече министерот за финансии Тевдовски.
Модулот за автоматско пребивање е развиен од ИТ Секторот на Управата за јавни приходи.
Инаку, за подобро функционирање и давање на подобри услуги на граѓаните и фирмите, УЈП оди кон автоматизирање на процесите. Во таа насока се и платформата е-персонален данок и претпополнетата даночна пријава. Со оваа реформа граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање на шалтери. Благодарение на електронскиот систем, граѓаните ќе имаат и увид во своите приливи, платените и неплатени придонеси.
-Целосно сме посветени на реализација на започнатите проекти и на реформите коишто се предвидени за годинава. Со задоволство можам да кажам дека веќе имаме 100% успешност на реформата е-Персонален данок системот на којшто се регистрираа 656.000 граѓани, а се уште се регистрираат и физичките лица кои до тој рок не го направиле тоа. Успешната реализација е благодарание и на сите граѓани коишто и дадоа шанса на оваа реформа и соработуваат со Управата за јавни приходи. Од 1 јануари веќе започнавме со подготвување на претпополнета Годишна даночна пријава којашто ќе им биде доставена на сите физички лица регистрирани на е-пдд, по што од нив ќе чекаме потврда или корекција, со што верувам дека целосно ќе заокружиме еден успешен процес-рече директорката на УЈП Лукаревска.
Исто така, во насока на автоматизирање на процесите УЈП воведе софтвер за евалуација на ризикот, кој овомозжува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз претходно утврдени критериуми за ризик. Со овој софтвер се обезбедува објективна селекција на даночни обврзници за контрола, преку автоматизација на процесот со што значително се намалува човечкиот фактор. Годинава ќе се стартува со редовна примена на системот.