Се подготвува водич за вино и храна од Тиквешијата

- Advertisement -

Се подготвува водич за вино и храна од Тиквешијата кој ќе биде своевидна карта според која туристите,  ќе можат да се движат по еногастрономскиот пат низ неколкуте општини од регионот. Проектот го спроведува Фондацијата “Тиквешки вински пат” од Кавадарци, со поддршка на Министерството за економија, објави МИА

“Целта ни е да ги забележиме и спасиме од заборав автентичните,  типични  јадења кои се приготвувале со години на овој простор,по рецептите на нашите баби.  Нешто што  може да се најде само во овој дел на Македонија, што не разликува од другите региони и што би го привлекло туристот да дојде токму тука. Да го вратиме сјајот на традиционалните специјалитети кои беа подзаборавени во изминатите години и да му го покажеме на светот нашето еногастрономско богатство, кое заслужува внимание. Да ги извлечеме старите дедови садови за подготовка на вино и храна од подрумите, во кои со години фаќаат пајажини и прашина и да им ја вратиме душата“, изјави Виолета Јанкова, директор на Фондацијата.

Целта е, исто така, додаде, да се  воспостават стандарди и критериуми за домашните туристички понуди, за да може да се биде конкурентен  во светски рамки.

- Advertisement -

Сега сите зборуваат за вински патишта. Кога јас започнав да говорам за тоа пред 12 години, терминот не беше сосема јасен. Сите ме гледаа некако со недоверба. Сега е јасно и се знае дека алтернативниот туризам може да донесе многу за целиот регион. А секоја општина има специфични карактеристики. Велес на пример има интересна стара архитектура, Кавадарци ги има Тиквешко Езеро и Кожуф, Демир Капија клисурата, Росоман праските, Неготино има свои специфики. Покрај винскиот туризам, би било убаво секоја од општините да ги нуди и своите специфичности. И да не се натпреваруваат меѓу себе, туку да настапуваат како регион. Ако Кавадарци го прави “Тиквешки гроздобер”, сите да помогнат манифестацијата да се подигне на повисоко ниво. Ама затоа пак кога ќе биде Велешка питијада или некој друг настан во друга општина, останатите исто така да се насочат тоа да биде успешно. Да  се направи распоред на манифестации,  а не да има натпревар кој повеќе гости ќе донесе во истиот ден, на пример за Свети Трифун. Треба една општина да го одбележува закројувањето, а сите други да помагаат. Само на тој начин ќе се развие туризмот и општините од регионот нема да си ги делат луѓето меѓу себе. Значи треба заеднички да работат. Така во Кавадарци туристот ќе може да слушне дека во Велес на пример може да најде специфична архитектура па ќе отиде и до таму, бидејќи сите овие општини се тука, во регионот и нивната оддалеченост го дозволува тоа“, нагласи таа на работилница во Кавадарци, посветена на оваа тема.

 

- Advertisement -

Беким Хаџиу, раководител на Секторот за туризам при министерството,  во делот на програмата за развој на туризмот,  кажа што се планира за 2019 година.

-Во нашата програма ќе има субвенции за општините за изработка на локални стратегии за туризам. Оваа година имавме седум општини, за наредната предвидуваме уште десет. Ќе има сигнализација на локално ниво,  во делот на туристичка сигнализација ќе можат да алицираат сите општини со идеи и проекти, околу тоа каде треба таква сигнализација и колку средства им требаат. Министерството обезбедува доста голем фонд за таа намена. Во делот на водичот веќе планираме изготвување на вински водич,  но добра е идејата тоа да биде и гастрономски водич затоа што така ќе биде и покомплетен и покорисен за туристи. Секоја година организираме обуки од областа на туризмот и идејата на градоначалниците дека треба обуки веќе го забележв како приоритет, така да може и тоа да се стави во програмата за наредната година. Исто така ние имаме и доста други активности, поддршка на манифестации и проекти од областа на туризмот, каде што не само општините, туку и невладини организации и фирми можат  да аплицираат со нивни проекти по јавните повици,  кои се објавуваат за добивање на средства од Министерството за економија. Веќе од јануари ќе почнеме со поддршка на манифестации. Средствата ќе бидат многу поголеми. Со намера ние да бидеме како партнери на тие манифестации, а не симболична поддршка како што беше досега. Ќе бидеме навистина поддржувачи на тие манифрстации, рече Хаџиу.

- Advertisement -

Извор- МИА

Сподели!
- Advertisement -