Наскоро истекува рокот за двете мерки за инвестиции во земјоделството од ИПАРД 2-програмата

- Advertisement -

За три недели, односно на 29 овој месец истекува рокот за поднесување барања за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Рокот за поднесување барања за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ истекува на 9 феврурари.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, посочи дека вкупната сума што е на располагање за домашниот агро-сектор преку овие два повика е во износ од 25 милиони евра. Односно вкупната финансиска поддршка за мерката 3 е 13,2 милиони евра, а за мерката 1 близу 12 милиони евра.

- Advertisement -

„Со оглед на тоа на што за овие два јавни повика имаме одредени новини во делот на апликацирањето, очекуваме рокот на обработка на барањата да биде многу брз од страна на платежната агенција, заради тоа што ги зајакнавме капацитетите. За првпат овој период почнавме 18-месечна кампања за ИПАРД-програмата, во рамки на која заеднички ќе посетиме 90 населени места, ќе има инфо-денови, работилници и форуми. Следната работилница е на 22 овој месец во Кавадарци. На овој начин сакаме да ги доближиме упатствата, постапките и начинот на аплицирање до сите заинтересирани апликанти“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ опфаќа инвестиции во преработувачки капацитети за различни земјоделски производи и инвестиции во опрема, додека мерката Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ опфаќа инвестиции во изградба или реконструкција на објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи, опрема за земјоделство, системи капка по капка и друго.

- Advertisement -

Половина од средствата за инвестицијата ќе им биде кофинансирана, од кои 75 отсто од средствата што ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од ИПАРД 2-програмата, а остатокот од буџетот на МЗШВ. За таа цел оваа година за два и по пати е зголемена сумата за национално кофинансирање за ИПАРД-програмата.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека ИПАРД-програмата е одлична можност домашните компании да создадат македонски земјоделски производи со додадена вредност.

Сподели!
- Advertisement -