Македонија е една од најатрактивните дестинации за инвестирање во Централна и Источна Европа и е на пат за побрза интеграција кон ЕУ, според американскиот фонд за управување со средства „Итон Ванс“, пишува Блумберг.
„Итон Ванс“ е фонд за управување со средства од Бостон, кој има инвестирано околу 15 милијарди долари само на хартии со фиксен принос на земјите во развој. Оттаму велат дека ги преферираат хартиите од вредност на Македонија деноминирани во евра, бидејќи очекуваат Македонија да го следи истиот пат за интеграција кон ЕУ, како Полска, Унгарија и Словенија. Приносите на нивните обврзници паѓале во претходните две децении, како што овие земји напредуваа и на крај се зачленија во ЕУ, што предизвика „Итон Ванс“ да бара слични успешни приказни во порана фаза на развој.
-Нивното место е во ЕУ, рече Мајкл Кирами, ко-директор во „Итон Ванс“, во интервју на форумот „Еуромани“ во Виена, на кој учествува и министерот за финансии Драган Тевдовски. Кирани, исто така, ја пофали Македонија за прудентно управување со нејзиниот буџет.
Министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата на „Еуромани“ истакна дека Македонија очекува значаен прилив на странски директни инвестиции, како што се придвижуваат евроатланските интеграции. Исто така, се очекува Македонија да привлече повеќе финансиски инвеститори од странство преку развој на секундарниот пазар на обврзници, ја пренесува Блумберг изјавата на министерот Тевдовски.