Македонија заслужува чист воздух!

- Advertisement -

Деновиве повторно сме на врвот на топ листата на земји со најзагаден воздух во светот рамо до рамо со Индија, Бангладеш и Пакистан. Повторно е вклучен црвениот аларм, а улиците во Скопје се празни. По кој знае кој пат жителите на Македонија си го поставуваат прашањата: Дали конечно ќе се откријат вистинските причинители на загадувањето? Дали конечно ќе почнат да се применуваат посериозни, координирани и издржани мерки за подобрување на состојбата? Дали некој ќе одговара за ова што се случува?

Иако досега не видовме опсежна анализа, неколкуте направени анализи покажаа дека причините за енормно високото загадување на воздухот во Скопје се начинот на кој се затоплуваат домаќинствата и возилата во сообраќајот. Но, освен советите кои ги добиваме од градските власти – „да не се излегува надвор без потреба“ (!?) и тоа трае додека да дувне ветерот, системски решенија нема. Кога ќе заврши зимата и критичните месеци темава сите ја забораваат. За жал, загадениот воздух си го зема данокот и според одредени проценки илјадници граѓани добиваат различни дијагнози „благодарение“ на загадувањето.

- Advertisement -

Во отсуство на релевантни и навремени информации, многу често прстот на граѓаните е вперен и кон големите фабрики. Но, дека работите и не се баш така црно-бели укажува и тоа дека, на пример, цементарница Усје од 5 јануари воопшто не работи заради ремонт, а деновиве загадувањето е 50 пати над дозволените граници!

Она што не е дозволиво е неодговорното однесување на институциите кои немаат стратегија како да се справат со проблемот ниту пак да ги откријат вистинските причинители!

- Advertisement -

Со оглед на алармантната ситуација, треба да се спомене дека деновиве Владата најави дека наскоро ќе стартува со реализација на програмата за справување со загадувањето преку директна помош на семејствата со полош социјален статус за замена на нивните неефикасни печки со енергетски поисплатливи и еколошки поприфатливи системи за греење. За жал, мерката е задоцнета ако се знае дека јавноста и активистите ја повикуваа Владата уште летото да започне со вакви мерки со цел оваа зима да не ги рушиме светските рекорди по загаден воздух!

Македонија заслужува чист воздух!

- Advertisement -

 

В. Јорданова

Сподели!
- Advertisement -