Општина Аеродром и „Нула отпад“ почнуваат со нов начин на собирање електричен и електронски отпад од домаќинствата. Собирањето на е-отпадот ќе биде бесплатно и директно од домовите на аеродромци.
– Се што треба да направат е да пријават на телефонската еколинија 070/236-000 дека поседуваат електронски или електричен отпад, како што се стари телевизори, машини за перење, бојлери или мали уреди за домаќинство. Собирањето електронски отпад е еден од најопасните загадувачи. Со директното собирање од домовите им помагаме на граѓаните на едноставен и бесплатен начин да се ослободат од опасниот отпад – изјави градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин.
Тој посочи дека ваквите акции имаат големо значење како дел од мерките за заштита на животната средина.
Според досегашното искуство, кај граѓаните постои голем интерес за ваков тип акции, со кои на лесен и едноставен начин се ослободуваат од големи габаритни неисправни уреди, за што инаку би требало самите да организираат соодветно и правилно депонирање.
Претставничката на „Нула отпад“, Александра Пановска-Илиевска, рече дека не само што им се овозможува на граѓаните да се ослободат од овој опасен и многу често канцероген отпад, туку на ваков начин и ќе ја избегнат казната од 60 евра предвидена за фрлање отпадна опрема од домаќинствата заедно со комуналниот отпад.