„Витаминка“ од Прилеп годинава очекува поголем извоз во Русија

- Advertisement -

Прехранбената индустрија „Витаминка“ од Прилеп остварува 38 милиони евра годишен промет на домашните и на странските пазари, а извозот е дисперзиран во 45 земји. На листата со земји каде што се пласираат некои од 415 производи на „Витаминка“ е и Руската Федерација, но таму количините се уште се скромни. Со асистенција на Македонско-руската стопанска комора и со „Македонски дом“ од Москва производи на прилепската компанија се на самото место пред руските дистрибутери и очекувањата се дека извозот на овој пазар ќе расте. Но, проблем остануваат високите царини што ги има оваа земја.

Ова го истакна Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“, при денешната средба со Н.Е. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, заедно со Владимир Хрисанфов, трговски советник при амбасадата. Средбата, која се одржа во просториите на компанијата во Прилеп, беше организирана од страна на Македонско-руската стопанска комора.Во придружба на гостите беа и Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора и м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора. На разговорите присуствуваше и Саше Ивановски, извршен директор на „Витаминка“.  Претставниците од амбасадата на Руската Федерација беа и во обиколка на производните погони на компанијата во Прилеп.

- Advertisement -

„Минатата година ја преземавме и компанијата за производство на масло за јадење ’Брилијант‘ од Штип, која беше во финансики тешкотии. За кусо време со квалитет успеавме да го вратиме брендот ’Брилијант‘ на челно место во земјава. Годишно за купување на масло за јадење за потребите на нашата компанија трошиме по 1,2 милиони евра и заради подобар квалитет  се одлучивме да вложиме во купување на штипскиот капацитет. Сега од сопствена фабрика обезбедивме врвен производ и за нас и за потрошувачите кои ја имаат довербата во него“ истакна Саше Наумоски.

Во „Витаминка“ се вработени 700 луѓе, а 70 во „Брилијант“. Просечната плата на вработените  е 400 евра. Компанијата е дизајнирана за 23 милиони потрошувачи и токму од тие причини главното внимание е свртено кон извозот. Строго се води сметка за намалување на трошоците и за брендирање на производите, кои на тој начин полесно го наоѓаат патот до потрошувачите. Во топ првите брендови во земјава два се застапени од производните ленти на „Витаминка“, а тоа се „Стоби Флипс“ и „Брилијант“.

- Advertisement -

Гостите беа запознаени дека успешната приказна на „Витаминка“ започнува во далечната 1956 година како компанија за производство на мелен црвен пипер. Во 1974 година, со развивање на нови производи, отворање нови пазари и континуирани инвестиции во производството, компанијата започнува да го гради својот пат кон успехот, прераснувајќи во лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар. Заедно со позитивниот удел во националната економија, од голема важност е и значењето на „Витаминка“ АД – Прилеп во унапредувањето на локалната економија преку големиот број вработени и дополнителниот синџир на соработници. Неодамна компанијата ја промовираше монографијата „60 години Витаминка“.

Сподели!
- Advertisement -