Темелните анализи на пензискиот систем што ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат после цели 12 години, открија неправилности во распределувањето на придонесите за дел од идните пензионери. Со ова на 12.000 осигуреници им е направена скандалозна неправда во иднина да остварат повисока пензија.
Со последните законски измени ја исправивме оваа неправда, за што обезбедивме 19 милиони евра од Буџетот на РМ, пари со коишто ќе ги обесштетиме корисниците. Сите документи кои беа дел од анализата ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство на понатамошна истрага, изјави министерката за труд и социјална политика,Мила Царовска на прес-конференција.
„Она што го откривме е дека за околу 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб, односно за нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако ги исполнувале законските услови за ова. На овој начин директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат пензија во целост. На пример, за осигуреник со просечна плата во период од 2007 до 2018 година вкупно остануваат нераспределени околу 295 илјади денари придонес во вториот пензиски столб. Односно, изгубени се околу 95 илјади денари добивка од инвестирање на индивидуална сметка со што ние ќе ги обештетиме со околу 400 илјади денари по корисник“, рече Царовска.
Овие пари ќе се уплатат на приватните пензиските друштва каде што ќе се распределат на корисниците. За секој осигуреник ќе се направи парична уплата за целиот изминат период за кој што не му се распределувале придонесите и тоа во целост.
Како последица од погрешни политики на претходната Влада и ад хок покачувања на пензии надвор од законската рамка, за 10 години во Фондот за ПИОМ е направена дупка од 15 милијарди денари. Од 1 јануари 2019 година стапија на сила пакетот на закони со кои ја менуваме структурата на двостолбниот пензиски систем и придонесуваме за намалување на овој дефицит.