Рекреативното падобранство, летање со балони, скијање, јавање на коњи, се дел од проектите со кои ќе се развива локалната и регионалната конкурентност во туризмот. Вкупно 49 милиони денари денеска им беа распределени на 12 невладини организации и асоцијации кои ќе работат на проектите.

Овие средства се доделени преку Проектот за локална и регионална конкурентност кој се спроведува преку заедничка соработка на Владата на Република Македонија, Делегацијата на Европската Унија и канцеларијата на Светска банка.

- Advertisement -

Вкупната вредност на Проектот изнесува 18 милиони евра, средства кои во најголема мера се обезбедени од ИПА фондовите, како и од буџетот на Република Македонија и од Светска Банка, а на денешната свеченост се доделуваа договори за еден од трите сегменти, наменети за невладини организации и асоцијации кои работат во туристичкиот сектор.

Другите два сегменти кои се опфатени со Проектот за локална и регионална конкурентност се грантови за микро и мали претпријатија, а најголемиот дел од средствата се наменети за реализација инфраструктурни проекти за поттикнување на туризмот во определени општини.

- Advertisement -

Директорот на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, посочи дека туризмот во светски рамки е значителен економски сектор, кој учествува со 10% во глобалниот Бруто домашен производ, застапеност со 7% во вредноста на меѓународната трговија и вкупно 30% од извезените услуги ширум светот.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Фрејк Јанмат нагласи дека преку овој проект се промовираат туристички дестинации коишто не се доволно познати за странските туристи.

- Advertisement -

„Македонија се открива и мислам дека туризмот ќе продолжи да се развива, дали преку организирани тури на странски туристи или пак преку индивидуални аранжмани преку кои ќе се откриваат одредени дестинации. Македонија има повеќе езера и планини, кои нудат можност за спортски активности, релаксација, но постојат и други помалку очигледни можности за развојот на туризмот, преку промоција на уметноста и старите занаети застапени во Македонија. Задоволен сум што ЕУ може да помогне со финансиски средства за поддршка на туризмот, кој во изминатите години бележи раст од 6-7, а со тоа го зголемува учеството во Бруто домашниот производ“, рече Јанмат.

Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак кажа дека јавниот повик беше распишан во март минатата година, на кој имаа можност да аплицираат широк спектар на корисници, вклучувајќи ги општините, јавните установи, регионалните плански центри, образовните установи, центрите за обука, невладините организации и микро и малите претпријатија.

„Критериумите за селекција беа однапред утврдени и објавени во Прирачникот за грантови заедно со деталните процедури за начинот на аплицирање и спроведување на повикот. Оценувањето на поднесените предлог под-проекти беше извршено од страна на група на надворешни експерти од различни области, избрани на претходно објавен јавен повик“, истакна Шишак.

Во продолжение, невладините организации-добитници на грантови:

  • Ски клуб Полар Скопје
  • Здружение за афирмација на воздухопловството АК Скопје од Чучер Сандево
  • Фондација за развој на образование и култура Албиз с.Сарај
  • Центар за одржлив развој АЛКА, Скопје
  • Здружение на граѓани за промоција на туризмот Џебен водич, Скопје
  • Планинарско-спортскиот клуб Малешевска корија, Берово
  • Здружение Младински форум за соработка, Скопје
  • Здружение за граѓани за туризам Национална асоцијација за дојдовен туризам на Македонија, Скопје
  • Здружение Коњички клуб Бистра, Галичник
  • Сојуз на извидници на Македонија
  • Сојуз на стопански комори на Македонија
  • Здружение на граѓани Македонски авантуристички дисциплини