„Прегледот на системот за оценување и евалуација во образовниот систем“ за кој на денешната работилница дискутираа претставници од образовниот сектор, повикува на подоследно оценување на знаењето на учениците, подобрување на кариерниот развој на наставниците заснован на заслуги и подобар систем за наградување на постигањата на наставниците како главни области на реформата неопходна за подобрување на квалитетот на наставата и резултатите на учениците.

Прегледот кој беше изготвен од страна на експертски тим од ОЕЦД, со поддршка од УНИЦЕФ, забележа дека и покрај тоа што има скоро целосен опфат на учениците во основното и средното образование, постигањата на учениците во образованието стагнираат и се меѓу најниските во регионот и повеќе од половина од учениците во земјата немаат основни знаења. Споредбениот преглед на резултатите од ПИСА  од 2000-2015 покажуваат дека се зголемува бројот на ученици кои немаат основна писменост. Првичните препораки беа разгледани на работилницата на која учествуваа чинители од образовниот сектор предводени од Министерството за образование и наука.

- Advertisement -

„Сакам да истакнам дека и оваа последна анализа  на состојбите во националниот образовен систем во Македонија, нам како Влада ни е од големо значење за конципирањето на сите понатамошни образовни политики и чекори кои ќе ги преземеме, а секако со крајна цел, да создадеме што поквалитетен образовен систем кој ќе создава сé подобри и подобри генерации на ученици кои ќе ги преземаат постепено општествените улоги на повозрасните“, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Препораките за унапредување на образовните политики се фокусираат на подигање на образовните резултати преку подобрување на оценувањето на учениците; примена на наградување на наставниците за да се даде поддршка и поттик на добрата настава; усогласување на оценувањето на училиштата со основните цели на одговорност и подобрување; и создавање посилна рамка за следење и евалуација на националниот напредок во образованието.

- Advertisement -

„Овој извештај потврдува дека еден од најитните чекори што треба да го направи земјата, кој воедно ќе даде и најмногу резултати, е да се даде приоритет на квалитетот на наставата и компетенциите на наставниците. Наставниците кои имаат мотивација и компетенции се најголем двигател на образованието. Тие може да помогнат да се намали јазот во образовните постигнувања и долгорочно да се зголеми конкурентноста на младите од земјата и можноста за вработување“, посочи Елспет Ериксон, заменик претставничка на УНИЦЕФ.

Како дел од специфичните препораки, прегледот ја увидува потребата да се изработат доследни стандарди за учење и во тој процес да се даде приоритет на воведување стандарди за учење на читање и пишување од 1 до 3 одделение, како и да се усогласи оценувањето на секој ученик со националните стандарди за оценување и оценките да се користат за следење на учењето и поддршка, а не за рангирање на децата.

- Advertisement -

Се препорачува да се работи на отстранување на пречките за формативно оценување, да се отстранат строгите временски рокови во наставниот план и наставникот да има повеќе флексибилност во прилагодување на наставата на потребите на учениците. На работилницата чинителите од образовниот сектор зборуваа и за осовременување на државната матура за подобро оценување на наученото кај учениците.

Учесниците дискутираа како да се постават повисоки стандарди за влез во  наставничката професијата и да се обезбеди кариерно напредување на наставниците што се заснова на стручна компетентност и како да се обезбеди наставниците да учествуваат во програми за континурано стручно усовршување. Според наодите од извештајот, процентот на наставници кои биле вклучени во некои форми на стручно усовршување во нашата земја е за два и повеќе пати помал од процентот на наставници кои посетувале слично професионално усовршување од други земји во регионот.

Заклучоците од работилницата, заедно со наодите од финалниот извештај ќе ги одредат промените во образовните политики кои ќе ги води Министерството за образование и наука преку новото Одделение за анализа и истражување на политиките што се востанови со поддршка од УНИЦЕФ за да се подобри развојот на политики во образовната реформа што се потпираат на докази.

Извор- Радио МОФ