Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го објави вториот  повик „Предизвик за млади истражувачи” наменет за проекти на ученици од основните и од средните училишта. Повикот е отворен до 31 март до кога заинтересираните може да се пријават со апликации.

Буџетот годинава е 2,5 милиони денари со можност да биде зголемен доколку има голем интерес. Лани беа поддржани дваесет апликации на тимови (тројца до седум ученици под менторство на еден до двајца професори) од основни и од средни училишта.

Критериумите и информациите за аплицирање може да се најдат на веб-страницата www.fitr.mk. Максималниот износ за поддршка по проект и на вториот повик е 300.000 денари. Целта на повиците е да се поттикне критичкиот и креативниот потенцијал на младите.

- Advertisement -

Вториот повик „Предизвик за млади истражувачи” ФИТР го објави во гимназијата „Георги Димитров” каде што беше претставен проект финансиран од минатогодишниот прв повик изработен од  тројца ученици кои сега се во четврта година во ова училиште: Марко Лазетиќ, Миро Зиноски и и Стефан Стојановски, под менторство на нивната професорка по математика Гордана Николовска.

- Advertisement -

За својата апликација добиле 300.000 денари и направиле прототип на дрон со прскалка кој би се управувал за третирање високостеблести и тешко достапни шуми заболени од штетници. Со парите од конкурсот ќе изработат поголем дрон со поголема носивост, за кој сега бараат делови. Младите иноватори на презентацијата појаснија дека прскалката е заменлива компонента и само една од идеите за нивниот дрон. Тие им порачаа на врсниците да конкурираат на повиците на ФИТР зашто така имаат можност да ги развиваат и реализираат своите идеи.

Во наредните два месеца, до кога трае повикот, ќе  бидат организирани презентации за можноста за финансирање и аплицирање. До крајот на тековната учебна 2018/2019 година треба да заврши селекцијата на пристигнатите апликации на вториот повик и да бидат соопштени резултатите од најуспешните, за од почетокот на наредната тие да почнат да се реализираат. За изборот ќе  одлучува комисија со компетентни претставници од ФИТР, МОН, Народна техника  и од други институции.