Владата на денешната седница го усвои новиот Оперативен план за вработување за 2019 година, за кој се издвоени рекордни 1,1 милијарда денари, што е највисок износ досега и е за речиси три пати поголем од 2014 година, кога за истата намена беа исплатени 406 милилони денари, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.
Мерките се фокусираат на доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи. Во процесот на креирање на овие мерки за првпат се вклучени сите чинители.
-Врвен приоритет на МТСП и на Владата е обезбедување нови работни места. За Оперативниот план за вработување 2019 година издвојуваме рекордни 1,1 милијарда денари и се фокусираме на преквалификација и доедукација. Во 2019 да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Новите работни места ги планиравме заедно со работодавците, односно за првпат мерките ги работевме во соработка со сите чинители и според реалните потребите во државата и на локално ниво, се вели во соопштението од МТСП.
Со Оперативниот план за 2019 година особен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, како и на корисниците на гарантирана минимална помош.
-Оваа година Оперативниот план ги опфаќа и физичките лица, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост. Со ОП 2019, меѓу другото, овозможуваме обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, како и обуки за дигитални вештини. Исто така, се продолжуваат програмите „Практиканство“,„Општинско-корисна работа“ и „Јавни работи“, велат од Министерството.
Од МТСП потсетуваат дека Оперативниот план за вработување за 2018 година имал високи 95 отсто реализација.
Со него за првпат е воведена „Гаранцијата за млади“, преку која се се вработија 1.839 лица. Преку учество во програмата Самовработување, сопствен бизнис отвориле 1.191 лица, а една од најбараните била програмата „Практиканство“, во која се вклучиле 1.263 невработени лица до 34 годишна возраст.
Носител на Оперативниот план е Министерството за труд и социјална политика, а неговата имплементација е во надлежност на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во партнерство со други одговорни институции.