Денеска во светот се одбележува интернационалниот Winter Bike to Worк Day/Ден за зимско возење точак до работа, а иницијативата „НаТочак“ ги повикува кафулињата, баровите, рестораните да се вклучат во славењето со овозможување на најразлични поволности, попусти и награди за оние кои ќе дојдат со велосипед до нивните локали.
Иницијативата која се организира секоја година на почетокот на февруари, годинава се случува по седми пат, а Скопје како град се придружува петта година по ред. На овој ден, многу продавници, локали, институции, ресторани и сл., нудат попусти и поволности за сите кои ќе ги посетат на велосипед, а многу фирми доделуваат подароци за своите вработени кои тој ден пристигнале на работа со точак, во знак на поддршка. Целта на овој ден е да мотивира што повеќе луѓе во ист ден да го изберат велосипедот како начин на транспорт до работа или училиште.
Лани Скопје беше истакнат од страна на организаторите поради големиот број на луѓе кои се обврзаа да го одбележат денот, со преку 1.000 поддржувачи и покрај магливото и студено време, што го стави на листата на топ 10 градови по масовност во однос на бројот на жители. Регистрацијата на учесници се одвива преку интернационалниот вебсајт преку кој поддржувачите „ветуваат“ дека навистина ќе возат на овој ден, а на самиот ден на социјалните мрежи постираат фотографии и постови со #winterbiketoworkday #WBTWD.
„Минатата година Скопјани беа пофалени и од иницијаторите на настанот бидејќи нашиот град влезе на топ 10 листата на светско ниво по бројност на луѓе кои се обврзаа дека ќе возат велосипед до работа на овој ден. И оваа година, на 8 февруари да ги преплавиме улиците и патеките со велосипеди и да бидеме побројни и од лани“, порачуваат НаТочак.