На првиот Европски квиз на парите се пријавиле 3.000 ученици

- Advertisement -

Tри илјади деца од 145 одделенија од основните и средните училишта во Македонија се пријавија да учествуваат на првиот Европски квиз на парите. Може да учествуваат млади од 13 до 15 години, а организатор на квизот е Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Министерството за образование и наука, Народната банка на Република Македонија и Комисијата за хартии од вредност.

-Што се парите, кој ги издава, каде и како се штеди – ова се само дел од прашањата на кои ќе треба да одговорат тинејџерите од нашата земја. Ќе треба да знаат и што е кредит, камата, профит, што се акции, каде и како се купуваат или се продаваат, како да се заштитат од компјутерски измами… многу прашања чии одговори, носителите на иднината на нашава земја – младите, ќе треба да ги научат и да ги совладаат во текот на следниве месеци, наведуваат од Македонската банкарска асоцијација.

- Advertisement -

Квизот ќе се одвива во две фази – прва се националните првенства во земјите учеснички, а втора фаза е финалниот натпревар што се одржува во Брисел. Со цел подобра подготовка, на 22 февруари, во просториите на НБРМ ќе се одржи подготвителна средба и обука за наставниот кадар, односно менторите на учениците вклучени во националното натпреварување.

Натпреварувањето во Македонија ќе почне на 13 март кога во сите класови и одделенија на пријавените училишта ќе се спроведе првото подготвително тестирање, а една недела подоцна да се одржи и второто.

- Advertisement -

По овие две тестирања, двајца ученици од секое одделение и клас што ќе покажат најдобри резултати на двете тестирања ќе настапат на финалниот национален натпревар, што ќе се одржи во Скопје на 27 март, за време на Европската недела на парите.

По финалниот натпревар ќе бидат познати двајцата победници кои ќе ја претставуваат Република Македонија на Европскиот квиз на парите во Брисел, Белгија, на 7 мај годинава. И на националните натпревари и на завршницата во Белгија, тестирањето на учесниците ќе биде спроведено на мајчин јазик.

Сподели!
- Advertisement -