„Довербата се гради со години, но можете да ја изгубите за само еден час/ден” – ова ми го кажа Загорка, мојата класна уште кога бев 4-то одделение. И од тогаш ова постојано ми заѕвонува во глава.
Во ова време кое е повеќе невреме, довербата е на толку ниско ниво, да можам да кажам дека е сведена на нула. Никој никому не верува и ако треба да верува, се наоѓаат изговори како да не се верува на другата страна. Од старт влегуваме со недоверба на работите и колку и да нè уверуваат во спротивното, едноставно не ни сакаме да помислиме дека е поинаку туку едноставно, си тераме со недоверба. И ако се случи нешто, си се оправдуваме со моментот: ете, знаев дека не треба да му/и верувам, а всушност не сме ни свесни дека сами си го повикуваме тоа за да си се оправдаме и да си потврдиме дека сме биле во право.
Но, како да ја вратиме или задржиме довербата?
- Сигнали – внимавајте какви сигнали испраќате на луѓето околу вас затоа што според нив луѓето ве одредуваат. Ако сте декларативни во определбите, така и ќе ве разберат. Испраќајте сигнали на доверба и желба за верба во луѓето и она што го правите.
- Претпоставки – немојте да претпоставувате туку прашувајте. Претпоставките се основа на секој проблем. И уште згора на тоа, ако тргнете со претпоставка на недоверба за другата страна, е тогаш сигурно ќе се појави проблем!
- Други перспективи – бидете отворени и за други перспективи и размислувања, па дури и различни од вашите. Не значи дека сте вие секогаш во право, можеби она што имаат да ви кажат е ОК.
- Светот во кој живеете – немојте да живеете само во својот свет на заблуди и недоверба. Светот и не е толку лошо и расипано место за живеење, а доколку и вие кажете дека светот е едно расипано место за живеење, па автоматски и луѓето во него, тогаш тоа не е добро за вас…
- Вештини – развивајте вештини на доверба прво кај себе, па после кај другите. Вештини на меѓучовечки релации и способност за функционирање во група, а не сам, вештини на отворена комуникација со самите себе, па и со сите околу вас.
- Слушање – слушајте со почит и со целосно внимание. Бидете емпатични и сензитивни со потребите на другите околу вас и јакнете ја довербата кон вас со тоа што ќе дозволите луѓето да ви доверуваат работи, затоа што знаат дека ќе ги разберете.
- Кредибилитет – признајте кога ќе направите грешка (луѓе кои се секогаш во право иритираат), признајте кога нешто не знаете (човечки е да не знаете сè во животот) и секогаш зборувајте ја вистината (основа за да имате кредибилитет кај некого). Ако едно од овие свети тројства го немате или е намалено, кредибилитетот ви е ставен под знак прашање!
Довербата е основа за безбедно и продуктивно опкружување, како дома, така и на работа и има моќ да промени многу работи. Се надеваме дека овие совети ќе ви дадат корисни идеи како да се движите кон поотворена и доверлива околина. Довербата ја градиме уште од мали нозе, па промените кои ќе се случат кај вас, пренесете ги и на помалите.
Со успех во промените
@kalin.babusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com