Нина Николиќ за „Бизнис Регулатива“: Законодавството е круто за оние кои сакаат да инвестираат во стартапи!

- Advertisement -

  Интервју со Нина Николиќ за www.biznisregulativa.mk, која долги години е дел од стартап сцената во Македонија и вклучена во повеќе иницијатива како Womenpreneurs Stories. Според неа потребна е структуирана поддршка за нови компании, промена на дел од крутото законодавство за влез и излез на бизнис ангели како инвеститори во надежни компании, како и создавање на услови за развој на македонски стартап кој ќе постигне светски успех на кој сите ќе бидеме горди

Денеска ќе се одржи вториот настан од втората сезона на Womenpreneurs Stories каде на една сцена ќе настапат повеќе успешни жени кои ќе ги споделат своите приказни за начинот на кој работат, за предизвиците со кои се соочуваат, како и совети и предлози за жените, но и воопшто сите кои сакаат да започнат сопствен бизнис или пак да реализираат некаков вид на иновација на пазарот.

 

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Што претставува Womenpreneurs Stories, од каде е мотивот за создавање на ваков вид на иницијатива и кои се вашите главни цели?

Николиќ: Сите приказни вреди да се споделат. Некои, исто така, вреди да се прослават. Приказни за жени претприемачи е иницијатива која има за цел да ги и слави и сподели приказните на инспиративните жени во бизнисот. Мотивот позади иницијативата се роди пред скоро две години, кога со дел успешни жени од стартап заедницата во Македонија, преку  Швајцарската програма за претприемништво-#SwissEP бевме на работна недела во Цирих. По враќањето во Скопје, решивме дека е потребно да го пренесеме наученото од таа работна недела и дека ваков концепт на споделување инспиративни приказни на успешни жени е потребен во нашето општество.  За помалку од една недела го организиравме првиот настан, во ноември 2017, со шест говорнички и 120 присутни. Со поглед кон иднината, дефинитивно ни се потребни повеќе жени на лидерски позиции. Придонесот што жените како иноватори, претприемачи и мотори на промени можат да го дадат на економскиот раст во Македонија е многу важен. Наша мисија е преку овие настани, да се поврзат истомисленици, да се охрабрат кон посигурни кариерни чекори, да се поддржуваат и соработуваат.

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Што е потребно за повеќе жени да се охрабрат и да започнат сопствен бизнис, има ли поволна клима во Македонија, се надминуваат ли родовите стереотипи?

Николиќ: Започнување бизнис кај нас, од правен аспект е многу едноставно, потребни се само неколку часа за регистрирање на компанија. Меѓутоа, да се изгради стабилен бизнис, потребна е огромна поддршка. Од моето досегашно искуство и работење со стартапи во различни фази на нивниот развој, најпотребни се токму тие практични техники при работењето, потребни се кадри со искуство во продажни вештини, дигитален маркетинг, пласирање на производ/услуга на странски пазар. Стереотипите се надминуваат во последно време, меѓутоа стереотипите за “најди сигурна работа”. Можам да направам разлика од пред 5 години до сега, овој еко-систем е поразвиен и многу повеќе луѓе се одлучуваат да започнат свој бизнис за разлика од порано. Голема улога тука игра и промената на начинот на размислување, неколкуте организации кои што спроведуваат програми за стартапи и ги водат тимовите од момент на идеја до први продажби, што е одлично. Сега има и доволно можности за добивање и финансиска поддршка при започнување на бизнис, иако според мене е најважно, кога започнувате свој бизнис почетно да инвестирате самите и средства и време. Родовите стереотипи ќе се избориме да ги надминеме, со поддршка на жени кои што сакаат да започнат свој бизнис, со ваков тип на иницијативи и со споделување на успешни, па и неуспешни приказни. Кога јавноста нема да осудува за пораз или неуспех на некој бизнис, туку ќе сака да научи од тие грешки. Во стартап заедницата, не го користиме зборот проблем, туку предизвик, за нас нема неуспех, туку научени лекции!

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Womenpreneurs Stories денес (19.02,2019) ќе го одржи вториот настан од втората сезона на кој ќе учествуваат истакнати жени од бизнис и јавниот живот. Што научивте од првиот Womenpreneurs Stories и што очекувате сега?

Николиќ: Ова е втор настан од втората сезона. Досега имаме организирано 11 вакви настани во Скопје, Охрид, Љубљана, Словенија, Нови Сад, Србија и Лима, Перу. Со благодарение на Швајцарската Програма за Претприемништво #SwissEP и на нашите соработници. Од сите настани научивме дека сите учесници се желни за инспиративна приказна, доза на мотивација и поддршка, не само во Скопје туку во сите градови каде што сме организирале. Најдобар показател е дека на овие настани во Скопје имаме одреден број на редовни гости кои што доаѓаат на секој настан, имаме жени кои што си пронашле ко-основач, ментор, соработник па и нова работа. Вечерва очекуваме супер дружење и да се инспирираме од приказните на Ружица Антиќ, главниот и одговорен уредник на магазинот Портрет, Сања Стојковска, водител во Сити Радио, Кика Авеиро активистка на социјални медиуми и Јелена Спенџарска, ТВ водителка во Канал 5.  А утре, додека не држи таа инспирација и мотивација да се фатиме за работа за остварување на следните цели.

БизнисРегулатива: Може ли да се креираат нови програми за поддршка на жените во бизнисот и претприемништвото и дали досегашните јавни и приватни фондови ги даваат посакуваните резултати?

Николиќ: Секогаш е убаво да има повеќе програми и поддршка за различни таргет групи. Овој еко-систем се уште е во развојна фаза и многу луѓе за прв пат се сретнуваат со нови (дигитални) вештини. Затоа сметам дека поддршка е повеќе од потребна и треба да е структуирана. Асоцијацијата Стартап Македонија во моментот работи на дигитализација на еко-системот, каде сите можни информации и програми ќе бидат систематизирани на една платформа. Со ова ќе добиеме пореална слика и се надевам поструктуирана поддршка за сите претприемачи. Посакуван резултат за мене е барем една супер успешна стартап приказна, која ќе е креирана тука, а ќе го освои светот, нешто на што цела нација ќе се радува и гордее. Нешто по што македонскиот стартап еко-систем ќе биде претпознатлив во светски рамки. Сега за сега сме препознатливи по тоа што сме гостопримлива заедница.

Со оглед на тоа дека поддршка од јавни и приватни фондови компаниите добиваат во изминатите три години, јас би оставила на времето да покаже конкретни резултати, барем оваа или следната година ќе имаме појасна слика. Дел од луѓето сметаат дека кога една компанија ќе добие инвестиција, таа ќе треба да изгради успешен бизнис истата година, епа во реалниот свет тоа најчесто не функционира така, затоа се надевам тие што имаат добиено инвестиции пред 3 години ќе го споделат својот успех во текот на оваа или следната година.

БизнисРегулатива: Што според вас може да се промени во бизнис регулативата за создавање подобри услови за работа на мали и средни претпријатија формирани и управувани од жени и какво е нивното влијание врз македонската економија?

Николиќ: Стартап виза по примерот на многу земји, ќе е нешто од огромно значење за целокупната економска состојба во државата како и за поголема иновативност и конкурентност. Тоа би значело олеснување на постапките за вадење на работни дозволи и дозволи за престој на странци со цел да бидеме по конкуретни од земјите од регионот и да привлечеме странски таленти. Верувале или не, многу странци сакаат да живеат и работат во Македонија.

Олеснување на регулативата во делот на влез на нов паричен инвестициски капитал во стартап компаниите, моменталното законодавство е круто во постапките за влез и излез на инвеститори како бизнис ангели.

Многумина се веќе вклучени директно и индиректно во поддршката за креирање средина во која жените во Македонија се препознаваат и целосно можат да придонесат за развојот на новиот претприемачки екосистем. Да ја поддржиме секоја иницијатива, секоја покана за состанок и совет, поврзување и повеќе соработка. Малку е потребно за да се почне со голема промена.

Автор: Христијан Станоевиќ

Сподели!
- Advertisement -