Пристап до интернет имаат 84% од домаќинствата додека 78% од населението користи интернет, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење за пазарот на електронски комуникации на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), спроведенo од 27 септември до 12 октомври минатата година на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници.
Најкористена технологија за пристап на интернет е кабелски интернет со 39,3 проценти, понатаму следуваат ADSl со 35,5 проценти,оптички интернет -10,7 проценти LAN пристап 6,5 проценти безжичен интернет – 1,7 проценти и мобилен интернет преку USB – 0,4 проценти. Најголем дел од корисниците на интернет (38%) ја користат оваа услуга од Македонски Телеком, потоа следуваат ОнеВип (27%) и Телекабел со 14%.
Речиси сите испитаници поседуваат телевизор во домаќинството 99,5 проценти од кои мнозинството (90 проценти) плаќаат месечен надомест за телевизиски услуги. Половина од населението поседува паметен телевизор во домот и најмногу користат Youtube.
Половина од домаќинствата што плаќаат месечна претплата за телевизија сигналот го добиваат преку кабелски приклучок (50,1 процент) по што следува IPTV (31,9 проценти) DVB-T (11,1 процент) и сателитскиот приклучок (1,5 проценти).
Интернет и телевизија стандардно се најзастапени услуги во пакетите додека најголем раст се забележува кај мобилната телефонија која се повеќе се користи во пакет со некоја друга услуга. Најпопуларен пакет на услуги е пакетот на „интернет и ТВ“ со 38,5 проценти додека најбрзорастечки е пакетот што ги обединува четирите услуги „фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и ТВ услугите“ со пораст од 10 проценти во однос на 2017 година.