Македонската апликација PowerAD која направи бум во Истанбул, почнуваат да ја користат компании во Европа, Азија и Африка за рекламирање

- Advertisement -

Македонската иновативна компанија PowerAD од Струмица беше селектирана во групата на 50 напредни конкурентни стартап бизниси од целиот свет на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели што се одржа во Истанбул. Со своето уникатно маркетинг решение, иновативна платформа за поврзување на компаниите кои сакаат да се рекламираат со сопствениците на возила на кои може да се постави рекламата на брендот, го привлекоа вниманието во светски рамки. PowerAD ќе функционира на три континенти, а од самиот старт во седум европски земји.

Тоа беше поводот Иновативност да поразговара со Петар Христов, CEO и основач на PowerAD

Разговараше – Сања Наумовска 

Г-дин Христов, што конкретно подразбира апликацијата PowerAD?

- Advertisement -

PowerAD е маркетинг платформа за поврзување на возачите и брендовите за да се создаде моќна реклама поставена на возила, преку квалитетно контролирана мобилна апликација која креира односи помеѓу сопствениците на овластени автомобили и водечките компании на пазарот. PowerAD ги плаќа сопствениците на возила доколку тие имаат желба да постават реклама на своето возило. За сопствениците на атомобили, PowerAD е најлесниот начин да се заработат дополнителни приходи.

Како настана идејата да се развива една ваква платформа и колку време траеше процесот на изработка?

- Advertisement -

Секојдневно, сопствениците на автомобили се среќаваат со високи трошоци кога станува збор за одржување на својот автомобил. Согледувајќи ги овие проблеми дојдов до идеја да поврзам две работи кои веќе постојат и со иновативно решение да им понудам лесен начин за поврат на средствата кои сопствениците на возила ги трошат за одржување на својот автомобил. Во кратки црти, PowerAD е како новороденче од Убер и билбордите за рекламирање. Поседувањето на автомобил е скапо. Гориво, сервис, паркинг, осигурување и други разни трошоци кои секојдневно се зголемуваат. Докажано е дека во некои градови е поевтино да го замените автомобилот со услугите за споделување на возењето како Uber и Lyft.

PowerAD се обидува да го надмине овој тренд со враќање пари назад во џебот на сопствениците на автомобили со тоа што ги поврзува возачите кои сакаат да го брендираат својот автомобил, со брендови кои бараат уникатен начин за рекламирање.

- Advertisement -

Целата платформа се развиваше 14 месеци. Првиот прототип го добивме во aвгуст 2018 година, а неколку месеци подоцна ја имавме и финалната верзија на мобилната апликација. Во последните неколку месеци се правеа завршни тестирања и дебатирања, а веќе во март ќе биде достапна за превземање преку маркетите за апликации на Андроид и иОС.

Како функционира апликацијата за клиентот и за возачите?

Преку својата комерцијална мобилна апликација и технологија, PowerAD им овозможува на возачите лесен извор на дополнителни приходи објавувајќи го своето возило како простор за рекламирање.

Брендовите, пак, добиваат контрола на безбедноста и директно мерливи резултати преку веб платформата. Брендовите и возачите добиваат пристап до моќно GPS следење на платформата, анализи и известување за нови кампањи, статистики, приспособливост и промоции дополнети со бонус понуди/кампањи.

Релевантната контрола обезбедена преку моќната и иновативна платформа PowerAD ги штити и возачите и брендовите, а секој член на системот на PowerAD мрежата поминува сертификација уште пред да добие пристап до неа и да направи трансформација на возилото.

Иновативната мобилна апликација PowerAD е едноставна како да возиш со автомобил. Возачите едноставно ја превземаат мобилната апликација и кога тие се наоѓаат во нивното возило се најавуваат како активни возачи и системот автоматски го прифаќа возачот и го следи неговото движење, брзина и километража додека се движи со возилото.

PowerAD, како што реков, за возачите е начин да заработат дополнителен приход при извршувањето на вообичаените дневни активности. За компаниите, маркетинг платформата PowerAD овозможува да се поврзат директно со публиката, да соработуваат и да создадат маркетинг кампања со економска вредност.

Како ќе ги привлечете компаниите да се рекламираат токму на овој начин и кои се предностите на PowerAD?

Секоја компанија размислува и сака својот производ да го рекламира и претставува на потенцијалните потрошувачи и нови клиенти, но во исто време тоа да го прави на поевтин и поиновативен начин.

Со апликација PowerAD ќе им овозможиме еден нов и интересен начин на рекламирање. PowerAD им нуди на брендовите поефикасно и попривлечно рекламирање што изнудува повеќе импресии. Со PowerAD брендот ќе биде впечатлив и полесно забележан на улиците. Класичниот начин на рекламирање како што се билбордите, флаерите и други се повеќе остануваат во втор план, и доколку брендовите сакаат да се издвојуваат од другите, со брендирањето на автомобилите и со уникатните налепници ќе бидат лесно забележани на улиците и промовирани меѓу идните потенцијални клиенти.

Какви услови е предвидено да исполнат возилата и нивните сопственици за да може да се постави рекламата?

Возилото треба да не биде постаро од 2005 година и да биде во одлична состојба.

Како може да изгледа рекламата, од каков материјал се изработува и како се поставува?

PowerAD на возачите може да им понуди четири пакети за брендирање на своето возило. Секој пакет се состои од различно покривање на возилото со реклама. Колку е поголема, толку повеќе ќе заработи возачот. Материјалот со кој се брендираат возилата е Vinyl самолеплива фолија, која се печати од едната страна и ја блокира видливоста, а е безбедна и не нанесува штета на бојата на возилото.

Откако возачот преку својата мобилна апликација ќе избере со кој бренд сака да соработува, нашиот систем му испраќа известување со закажано време кај сертифициран монтажер на фолија кој е дел од нашата мрежа. По успешното завршување на кампањата, возачот исто така ќе добие известување дека треба да ја демонтира рекламата. Да напоменеме дека целиот тој процес за возачите е бесплатен.

За кој пазар е наменета апликацијата?

PowerAD ќе испорачува кампањи ширум Европа, Азија и Африка каде што веќе во неколку држави имаме поставено наша мрежа на покриеност, а ќе соработува и со стартап компании и компании од Fortune 500 гигантските брендови. Ние ќе им обезбедиме на брендовите и возачите пристап до моќно следење во реално време, анализа и известување. PowerAD ќе биде првата компанија во регионот која на компаниите ќе им обезбеди податоци во реално време за рекламирањето на овој уникатен медиум.

Дали веќе имате конкретни договори со клиенти, компании и возачи?

PowerAD мрежата ќе биде достапна во седум европски држави, односно во над 50 градови уште на стартот на самото лансирање во март. Нашата цел е до август да поставиме мрежа во над 10 држави и во над 100 градови ширум Европа.

Дали се соочувавте со предизвици во развојот на апликацијата и во имплементацијата?

Секако, започнавме огромен проект, се работеше деноноќно повеќе од една година, се соочивме и со големи проблеми во текот на развојот, од финансиски, па се до технички проблеми во делот на тестирањето и дебатирањето. Но, финалниот резултат ни дава мотив да продолжиме и понатаму со надоградувања и додавање на нови модули и опции за рекламирање на брендовите, а со тоа и поголема заработка на возачите. Првата цел ја исполнивме, но имаме уште многу за работа и што да им понудиме на клиентите.

Што значеше рангирањето меѓу 50 напредни старт-ап бизниси во светот на Форумот во Истанбул за поголема промоција на апликацијата?

Од над 10.000 апликации, PowerAD беше селектиран и избран во топ 50 напредни стартап бизниси во светот од страна на светскиот форум на бизнис ангели инвеститори. Тоа значи дека сме еден од стартапите со најголем потенцијал за пораст во 2019 година.

Тоа беше забележано и од страна на бизнис ангелите од кои добивме високи оценки на самиот настан, добивме признание за најпосетуван штанд, а освен тоа добивме и одлични понуди за финансирање од неколку бизнис ангели. На самиот настан отворивме и нови пазари така што PowerAD освен во Европа, од април-мај годинава ќе има мрежа и во Азија и Африка.

Инаку, во конкуренција на 50 најиновативни, според гласовите на жири комисијата на светската мрежа на бизнис ангели, PowerAD доби високи оценки и успеавме да се пласираме во првите десет старт-ап бизниси од целиот свет кои имаат најголем потенцијал за брз развој во 2019 година.

На кои други проекти работите во моментов?

Во моментот работиме на уште два проекти. Едниот е од областа FinTech базирана на Blockchain технологија, а вториот е од областа на AI – вештачка интелигенција. Станува збор за апликација базирана на виртуелна реалност, но сѐ уште е рано да откриваме повеќе детали.

 

Сподели!
- Advertisement -