Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, заедно со четирите клучни партнери: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанска комора на Северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија, ќе организира информативен настан посветен на рециклирањето на отпадот, со посебен акцент на текстилниот отпад и законските и институционални бариери кои треба да се надминат за поодржливо користење на ресурсите и заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Настанот се организира во соработка со Холандската Амбасада во Северна Македонија која се јавува како еден од клучните актери во надминување на бариерите со менаџирање на текстилниот отпад, преку креирање решенија и изнаоѓање ефективни и еколошки практики за негова повторна ре-употреба.
Преку претходно остварената соработка со Холандската амбасада и Холандската комора, Царинската управа на Северна Македонија како и главниот секторски партнер Текстилното Трговско Здружение – Текстилен кластер, Проектот досега значително влијаеше врз подигнување на свесноста за важноста на оваа тема и надминувањето на бариерите со раздолжувањето и искористувањето на отпадот од ЛОН Производството, пред се преку конкретизирање на фокусот на темата кон:
· Обемот на текстилниот отпад и неговото влијание врз животната средина во Северна Македонија;
· Техничките аспекти на рециклирање на текстилниот отпад и можностите за нови производи и последици за индустријата;
· Презентирање на европските практики на царински третман на отпад од привремен увоз и потекло на рециклираните
Во насока на претходно остварените успешни иницијативи, целта на овој информативен настан е презентирање на сегашната практика во рециклирање на отпадот во Северна Македонија, научени лекции, што може да се направи поинаку (институционални измени, законски измени, јакнење на капацитетите, иновативни решенија и соработка со научните институции, итн.), со цел да се зголеми уделот на рециклирање на отпадот, а со тоа да се заштеди во потрошувачка на нови суровини, енергија, вода, да се намали притисокот врз животната средина, да се отворат нови работни места и да се подобрат позициите на компаниите и да се зголеми конкурентноста на пазарот.
Мотивот на настанот ќе биде решавање на проблемот со отпадот од текстил за кој иницираме дискусија околу можностите за негово собирање и рециклирање (кој, зошто и како?), преку претставување на странски искуства, но и скромни, многу важни први чекори на рециклирање во нашата земја од страна на домашни компании.
Ќе зборуваат експерти од реалниот сектор, успешни луѓе кои со задоволство ќе ги споделат своите искуства, но и заедно со Вас ќе разговараат на темата: рециклирање на отпад – можеме и мораме повеќе за доброто на следните генерации. Дискусијата ќе ја води м-р Славјанка Пејчиновска – Андонова, инж. за животна средина, консултант за животна средина со повеќе од 15 години искуство во областа на животната средина, оценка на влијание на проекти врз животната средина, основач и сопственик на Друштвото за технички консултантски услуги “ЕкоМозаик“ ДООЕЛ – Скопје.
Информативниот настан на тема: „РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАД – ИСКУСТВА, БАРИЕРИ, МОЖНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ“ ќе се одржи на 14 март 2019 година (четврток), со почеток во 11:00 часот, во Стопанската комора на Македонија, сала 4 на 5-ти кат.
Сите заинтересирани компании кои сакаат да присуствуваат може да не контактираат преку нашата Фејсбук страница или пак да се обратите до стопанските комори кои се партнери во Проектот. Лице за контакт Ивана Крстевска, е-адреса: ivana@mchamber.mk; телефон: 3244-051.