Александар Гелевски: од Кавадарци нудиме дигитални услуги на компании од целиот свет!

- Advertisement -

Александар Гелевски е млад човек, фотограф и графички дизајнер кој живее и работи во родното Кавадарци. Оттаму ја води својата стартап компанија Тивиус продукција користејќи ги предностите кои ги овозможува денешната технологија. Александар има интересни ставови околу улогата на технологијата и Интернетот во животот на младите претприемачи чии амбиции се далеку пошироки од местото на живеење!

Разговараше – Верица Јорданова

Се запознавме на еден јавен настан на кој што рековте дека секој од нас е просек од пет луѓе со кои поминува најмногу време. Технологијата и конектираноста ни овозможуваат тие пет луѓе да бидат, на пример Стив Џобс, Бил Гејтс, Марк Цукерберг. Може ли подетално да ја објасните оваа теза?

- Advertisement -

Велат потребни се 66 дена. Само 66 дена за да се создаде нова навика. Вистинска. Само 66 дена за достигнувањето да не биде само дејство, туку навика која си ја исковал во животот.

Успехот не се бара, туку се совладува моќта на избраната дисциплина со која се гради вистинската навика, преку која доаѓаат и исклучителни резултати. Тоа е констатацијата од сите претходно наведени претприемачи. Претприемачи кои имаат создадено дела со огромна вредност за општеството.

- Advertisement -

Достапноста до огромната база на знаење која ни ја овозможува интернетот го руши изговорот дека физичката локација е пречка за развој. Секој од нас го има изборот дали ќе учи од искуството на Елон Маск, Стив Џобс или Џек Ма. Независно од тоа каде живее.

Точно е и дека секој од нас има различни пасии кон различни области и дека сите совети не се апликативни во секоја средина, но најпрво започни од појдовната точка што е она што е заедничко за сите оние кои постигнале надпросечни дела.

- Advertisement -

Низ секојдневното гледање видеа на Youtube, слушање аудио подкасти и читање книги за нивните биографии ја извлеков самодисциплината како карактеристика за нив. Тоа е она на што ставив најголем акцент. Почнувајќи од режимот на работа, времето наменето за одмор, континуираното техничко усовршување, периодот за физичка активност и слично.

Секоја голема промена почнува како домино ефект. На почеток не можеш да ги знаеш сите чекори. Неопходно е да го започнеш процесот, а со самодисциплинираност во намерата одговорите ќе излезат на површина.

Се почесто во светската јавност се зборува за негативните страни на технологијата и социјалните мрежи. Дали тие навистина ни се непријатели?

Еволуцијата е незапирлив процес и таа не прави отстапки никогаш. Колку и да изгледа сурово, во животот не постои статус кво. Или се усовршуваш и адаптираш на темпото на новите промени или пропаѓаш.

Пред шест години во лондонската детска болница Great Ormond Street се користеше техника за лекување на деца од неизлечиви форми на леукемија. Техниката Crispr- Cas9, или систем за модифицирање на ДНК со измена на штетните гени или додавање на нови, значеше дека науката и технологијата би ги одговориле најголемите прашања и проблеми на човештвото глобално.

Водејќи се од вродената човечка потреба за преживување и барање начини за креирање поудобен живот, науката секојдневно руши бариери. Но, тоа се бариери на кои претходеле милиони неуспешни обиди.

Навраќајќи се на цитатот на Винстон Черчил: “Успехот е способност да се премине од еден неуспех во друг без притоа да се изгуби ентузијазмот“, од ова перспектива може да се согласиме дека компјутерите се далеку во поголема предност пред човекот. Компјутерите се бескрајно истрајни. Тие можат по милионити пат да се обидуваат да решат некој проблем, со иста енергија и ентузијазам, без притоа да се изнервираат. Голем дел од луѓето не можат да го направат тоа.

Големите прашања како аерозагадувањето, глобалното затоплување, неизлечивите болести не дозволуваат да се препуштиме единствено на способноста на човекот. Кога јас би бирал помеѓу AI (вештачката интелегенција) која преку одредени симулации со суперсонични брзини би ги дала одговорите на најголемите проблеми со кои се соочуваме денес или да се препуштиме на спори анализи на човечкиот фактор, дефинитивно би избрал вештачка интелегенција.

Кога станува збор за социјалните мрежи, тие можат да бидат одлично место за Brainstorming. Секој од нас е квалитетен во одредена област и доколку несебично го споделува тоа знаење полесно може да реши комплицирани проблеми.

Тивиус Продукција беше отворена пред една година, како официјална фирма (иако како бренд постои веќе 4 години). Велите дека се што е потребно да започнете сопствен бизнис, ви е добра идеја, солиден бизнис план, многу работа и паметен маркетинг. Раскажете ни за вашата идеја и како истата ја преточивте во бизнис?

Нашата приказна започна во декември 2014 година како проект на четворица млади ентузијасти кои работат во областите видео продукција, фотографија, веб дизајн, графички дизајн и маркетинг на социјални мрежи.

Нашата мисија беше и останува создавање вредност за нашите клиенти т.е. аудио-визуелни содржини и маркетинг кампањи, кои ќе содржат креативни пораки, и ќе создадат уникатен белег за секој наш клиент. Решивме да споделиме знаење и искуство со цел да им помогнеме на малите и средни компании да растат и да се развиваат. Уште од самиот почеток, а и сега го делиме ова мислење со сите од тимот.

 

 

 Што работи Тивиус Продукција во моментов? Кои и од каде се Вашите клиенти?

Тивиус Продукција е дигитална маркетинг агенција која на креативен начин ги поврзува компаниите кои нудат производи и услуги со нивните потебцијални купувачи. Ги користиме технологијата и интернетот да правиме детална анализа на демографска, географска, културолошка структура на потрошувачите. На тој начин прецизно ги таргетираме  групите на кои, преку видео продукција, на визуелен начин им ги прикажуваме карактеристиките и бенефитите кои ги носи продуктот или услугата.

Компаниите во земјава мора да сфатат дека веб страницата е неопходна и е замена за физичката продавница во виртуелниот простор. Неопходно е континуирано спроведување на маркетинг активности преку блог постови, активности на социјалните мрежи и преку убедливо најефективната маркетинг алатка денес – видеото. Преку аудио – визуелна форма (видео), одредена идеја можеш да споделиш низ целиот свет и истата со експоненцијална брзина да се рашири на огромна публика.

Во однос на нашите клиенти, најголемиот дел од нив се од територијата на цела Македонија, но предизвик ни е да им помагаме и на компаниите и корисниците на глобално ниво поврзувајќи ги меѓусебно со користењето на маркетинг услугите.

 

Лоцирани сте во Кавадарци. Колку локацијата ви е хендикеп при работата, особено кога се работи на проекти за странски клиенти? Колку технологијата Ви помага притоа?

На клиентот му е најважно производот да биде презентиран на поголема публика во форма која ќе биде најубедлива;

На купувачот/корисникот, треба детално да му биде презентирано кој е бенефитот кој би го имал од производот/услугата која се нуди;

Целта на нашата маркетинг агенција е да ги доближи тие две страни за да добијат вредност од поврзувањето.

Доколку целата инеракција за едукација на потенцијалниот купувач се комплетира на интернетот во форма на видео содржина, блог пост, веб сајт, тогаш апсолутно не претставува никаков хендикеп тоа што работата ја извршуваме од Кавадарци.

Кажете ни каков и колкав фактор е технологијата во Вашата работа?

Од аспект на мотивација, интернетот ни е неопходното “гориво“. Интернетот е базата на неограничено знаење преку кое се усовршуваме. Всушност, целиот наш бизнис модел се потпира на интернетот. На интернет просторот се нашите клиенти, оние кои нудат производи и услуги како и оние на кои им се потребни истите.

Интернетот претставува мостот преку кој ги поврзуваме двете засегнати страни. Брзината која се постигнува преку оптичкиот интернет ни овозможува непречено да соработуваме со клиенти оддалечени илјадници километри од нашата физичка локација.

Дури и кога се работи за физичко патување (за креирање на видео содржини или фотографии) со добра организација преку однапред букирање на локации и прецизни GPS мапи за навигација, целиот процес во голема мера е олеснат.

Идни планови

Предизвик ни е да се прошириме со повеќе проекти на глобален пазар. Пасијата кон технологијата и континуираното учење, неминовно ќе значи и имплементирање на некои од системите како Deep learning, Virtual reality (виртуелна реалност), Augmented Reality (проширена реалност), Artificial intelligence (вештачка интелегенција), CGI (компјутерски генерирани слики) во насока на подобри маркетинг услуги од кои поголем бенефит ќе имаат компаниите кои промовираат услуги или продукти, и потенцијалните корисници на истите услуги или продукти.

Сподели!
- Advertisement -