Дали вчера, 21 март, обувте чорапи со луди бои и шари? Ако не, можеби ќе обуете откако ќе ја прочитате оваа приказна. Различноста е битна за луѓето, а тоа го покажува и симболичниот чин на носење различни чорапи на Светскиот ден на Дауновиот синдром, кој официјално го определи меѓународната организација Down Syndrome International (DSI).
На 21 март 2016 година Марк Кромин и неговиот 20-годишен син Џон, кој има Даунов синдром, се обиделе да купат посебни чорапи со цел да го одбележат денот на Дауновиот синдром, но не можеле да најдат ништо слично. Тогаш Џон добил идеја сами да почнат да прават такви чорапи.
Тој само што завршил средно образование, а немало прилики за да се вработи некаде. Со својот татко, кој исто така барал нова работа, одлучиле да основаат компанија која ќе продава различни чорапи. Набрзо Џон станува, како што го нарекува неговиот татко, тајкун за чорапи, откако ја стартувале компанијата John’s Crazy Socks.
Џон прво дизајнирал чорапи во луди бои, со срциња и броевите 3-21, кои ги симболизираст трите копии на 21-виот хромозом, кој е причинител на Дауновиот синдром. Почнале да продаваат и на Интернет, а веста за нив се проширила со голема брзина на социјалните мрежи.
Во е-продавницата на Џон можете да избирате меѓу 2.300 различни чорапи, а треба да знаете и дека дел од заработката се донира за хуманитарни цели со цел подигнување на свеста за Дауновиот синдром. Дека таткото и синот успеале да изградат успешен бизнис говори и податокот дека во 2017 година имале заработка од 1,7 милиони долари, додека во 2018 година заработиле повеќе од 6 милиони долари.
Слоганот на компанијата на Џон е „Среќа преку чорапи“, а бизнисот го води од функцијата ,,директор” за среќа. Од вкупно 39 вработени во неговата компанија, 23 се лица со посебни потреби. На почетокот на овој месец таткото и синот беа повикани во американскиот Стејт департмент, каде што зборуваа за поддршка на луѓето со различни способности.
„Сакаме на целиот свет да му покажеме што е возможно кога на некој со поинакви способности ќе му дадете шанса“ изјави во таа прилика Џон Кронин.