[Аудио] Skills that pay the bills: Како може да се финансира бизнис во Македонија?

- Advertisement -

Во близина на скопското село Бардовци ќе наидете на Ав ав хепи дог – првиот центар за миленици. Тој е создаден од Наде и Михаела, две девојки кои уште од детството ги врзува желбата да им помагаат на бездомните животни. Со ентузијазам и задоволство Наде ни раскажуваше за нивната љубов кон кучињата.

„Уште од мали сме заедно, нашите родители не учеле да се однесуваме со почит кон кучињата, кон растенијата, за да можеме да го примениме кон луѓето, да бидеме воспитани деца. И од таму, Наде и Михаела си го земаа здраво за готово воспитувањето на родителите и секое куче што ќе го сретнеа во нивното школување, градинка, школо, средно и факултети, посветуваа да го ранат, да го однесат дома. Додека бевме мали не смеевме, но кога пораснавме смеевме. Се што имавме ‘џепарац’ го дававме за кучињата. И двете живеевме во куќи, па можевме да си дозволиме да имаме по десетина кучиња, покрај тие три што ги имаме дома“, раскажува Богоевска.

- Advertisement -

Но, ветеринарството е нешто што за нив било непознато, со оглед на тоа дека Наде е комуниколог а Михаела архитектка. Долго време истражувале и ја согледале потребата од еден ваков центар. Па така, решиле да направат бизнис план со кој се пријавиле за Social impact award – натпревар за социјално претприемништво, каде во 2017 освоија 2000 евра.

Денес, нивниот центар нуди превоз за милениците, фризерница и пекара, како и паркови со базен и реквизити, а за сопствениците има кафуле каде може да одморат. Социјалниот момент во нивниот бизнис е тоа што дел од својот профит го донираат за згрижување и лекување на бездомни кучиња, а при тоа започнале и сопствен регистар за стерилизирани и чипирани кучиња.

- Advertisement -

Вели дека финансиите им биле најголема пречка, но за на крај да се оствари желбата потребна е и волја за работа. Ова го потврдува Симона Станковиќ од Social impact award. Таа самата како ментор на натпреварот сведочи за учесници кои биле полни со идеи, но со недостиг на истрајност во работата.

- Advertisement -

„Ти треба огромна желба за да постигнеш нешто, во стартап најмногу бидејќи тоа се 24 часа и после 24-тиот час си викаш, а уште три саати ако може од овој ден. А ако може да има и 72 I would take that. Така што покрај финансиите, ние се сретнуваме секојдневно со луѓе, со стартапи што имаат идеја, што се во некоја фаза од тој убав чекор по чекор патување. Се сретнуваме на почеток или крај, но желбата и љубовта за тоа што го прават е огромна. Мислам дека највеќе е застапена во стартап светот“, смета Станковиќ.

Сепак, сума од 2000 евра не е доволна за одржување пет центарот, признава Богоевска. Затоа, по земање на наградата, заедно со Михаела ја почнале потрагата по други програми и грантови во Македонија. Наредно планираат да аплицираат во Фондот за иновации и технолошки развој. Токму тоа ни беше наредната станица каде на темата поразговаравме со директорот Јован Депостовски. Го прашавме што е потребно за одредена бизнис идеја да добие поддршка.

„Дали иновациите мора да бидат ИТ? Не мора. Дали иновациите треба да бидат нешто што е револуционерно? Не. Но, иновацијата треба да биде доволно нова да сето она што веќе постои го направи подобро. Не само да увеземе нешто што не постои во Македонија“, вели тој.

Идејата на Фондот е да биде финансиска поткрепа на бизнис идеите кои се ризични на почеток и не би можеле да добијат кредит во банка. Така што, Фондот го дели ризикот со нив, но и добивката.

Лани до Фондот аплицирале 500 компании од различни големини, од кои 240 добиле средства за иновации и развивање технологии. Половина од нив се стартап компании. А според нивните податоци, дури 70 отсто се компании од ИТ дејноста и многу мал дел се фокусирани единствено на домашниот пазар.

За следење на успешноста на компаниите е формиран Комитет назначен од Владата, а во кој членуваат инвестициски банкар, поранешен министер и професор на универзитет во Тексас.

Успехот, објаснува Деспотовоски се оценува на две основи – преку извештаите и фактурите се проверува исправноста на трошење на средствата, а преку плаќањето на даноците, вработувањата и платите се согледуваат резултатите од функционирањето на бизнисот.

Сепак, вистинските резултати се препознаваат по завршувањето на проектот, кога компаниите имаат обврска во наредните три години да праќаат полугодишни и годишни извештаи од нивната работа. Од досегашните завршени проекти, половината веќе ги враќаат средствата или тоа значи дека тие реализираат приходи од инвестициите.

„Не е поентата откако еден стартап сме го финансирале и стигнал до пазар пак да се врати кај нас да бара пари. Може со друг, но не и со истиот. Не може да си направи бизнис модел со тоа што ние ќе го финансираме цело време. Не е добро – не е добро ни за Фондот, ни за компанијата, не е одржлив“, дециден е Деспотовски.

Поради ова, започнале со ткн. Еквити фонд каде се финансира развој на постоечка идеја. Преку три бизнис акцелератори им се помага на постоечки стартап компании или компании кои се во рана фаза да добијат едукација и средства за понатамошен развој, со тоа што Фондот влегува во сопственичката структура до 30 отсто.

Но, покрај натпреварите и државните фондови, како друг извор на средства за започнување на бизнисот може да се употребат и онлајн кампањите познати уште како crowdfunfing кампањи. Најчестата форма е кога од јавноста барате поддршка за вашата бизнис идеја преку донации, а за возврат давате одредени подароци или пак услуги поврзани со вашиот производ. Најпозната ваква платформа на светско ниво е Kickstarter додека во Македонија и регионот се користи Let’s fund me, појаснува Жаклина Герасимовска, бренд менаџер на Tip of the Week – првата македонска книга за професионален развој.

Всушност, една ваква кампања била поттик за основање на нивната компанија. Пред неколку години започнале со споделување на совети и мотивациони пораки на социјалните мрежи за потоа нив да ги соберат во книга. Неколку изданија подоцна, нивниот производ може да се најде и низ целиот регион, а во книгата веќе се вклучени 24 автори од повеќе држави.

Сепак, средствата собрани од оналјн кампањата, смета Герасимовска, се само иницијални, колку да се започне идејата. Кампањата помага околу промоцијата, но тие средства не може да бидат доволни за да се постигне замисленото.

„Во Македонија има доста кампањи на Kickstarter, има доста кампањи и на локалната платформа Let’s fund it. Во регионот краудфандингот е многу поразвиен, кај нас е повеќе уште во фаза на едукација, градење на весност, на тоа што би можело да се направи од него. Она што е интересно во Македонија во однос на поставената цел, и во однос на реализираната цел, т.е. финансиските средства што се добиени од компаниите, процентот на добиени средства е поголем од процентот на побарани средства. Иако во Македонија се уште сме во фаза на едукација за краудфандинг има доста успешнин проекти на глобално ниво“, вели Герасимовска.

Низ целиот процес на онлајн кампањата тие постојано учеле нови работи – од тоа дека е клучно која платформа за каков проект ќе се одбере и каква награда ќе им се даде на донаторите, па сè до потребата од добра подготвеност и маркетинг стратегија. Герасимовска нагласува дека онлајн кампањата е многу покомплексна работа од тоа што изгледа.

„Би кажала дека и производот е исклучително важен. Дали вашиот производ има потенцијал да успее и дали приказната што ќе ја пренесете ќе допре до луѓето. И временската рамка е важна при лансирање. На пример не е добро да се лансира кампања за Нова Година или за Божиќ кога луѓето трошат пари на други работи коишто би ги добиле во моментот за разлика со наградите што би ги добиле преку некоја краудфандинг кампања. Би препорачала февруари и март дека не е добар момент кога луѓето се веќе истрошени и не би можеле да дадат средства за вашиот производ“, подучува Герасимовска.

Она, пак, што е заедничко за сите е потребата од постоење на заедница преку која ќе се вмрежуваат и ќе разменуваат искуства. Една таква заедница би им била од голема помош на Наде и Михаела при создавањето на нивниот пет центар.

Емилија Петреска, Radio MOF

Подкастот и интервјуата од серијалот Skills that Pay the Bills се изработени од Радио МОФНивна цел е да ангажираат млади лидери преку претприемништво и да ја подобрат свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.

Сподели!
- Advertisement -