МамаРент го освои третото место како најиновативна идеја од 25 идеји на настан организиран од Здружението на стопански комори од регионот Венето, Италија, Универзитетот од Венеција Ка’ Фоскари и универзитетите од Ријека и Пула од Хрватска.
МамаРент нуди изнајмување на артикли за деца на возраст од 0 до 4 години, пред се за туристите кои доаѓаат во Венеција, Падова и Тревизо. Меѓу артиклите туристите можат да изнајмат колички, столчиња за во кола, столчиња за јадење, детски играчки од природни материјали и слично. Доставувањето и земањето е до посакуваната дестинација како на пример хотел, стан, аеродром или железничка станица.
Оваа иновативна платформа е создадена во 2015 година врз основа на личното искуство на Оливера Јовановска како мајка, родител, турист, новинар и професионалец. Таа веќе 13 години живее во Италија и по седумгодишното работење во канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, кога стана мајка на 2 деца, одлучи да се посвети на мајчинството.
Нејзиното искуство со Венеција и желбата родителите-туристи со мали деца да имаат добар престој во Венеција, ја мотивираа да почне да ги изнајмува детските артикли на сопствените деца.
Заедно со нејзиниот сопруг Марко Гарбин ја создадоа интернет страницата mamarent.com и ја започнаа авантурата која ја нарекоа МамаРент.
МамаРент е прекрасен спој на две сончеви култури, македонската и италијанската. За графичкиот дизајн на интернет страницата денеска се грижи Билјана Неделковска од Скопје. Текстовите ги пишува Оливера. Логото на МамаРент беше првично создадено од татко, колега на Марко во Венеција, а комплетирано во Скопје од Билјана Неделковска. Така што последната варијанта е македонска.
Настанот под име АТЛАС МЕШ АП 2019 е иницијатива од АТЛАС Јадран културен туризам лаборатории, проект одобрен од програмата за меѓугранична соработка 2014-2020 Интерег ВА Италија – Хрватска од Европската Унија. На настанот беа пријавени 25 идеји од кои 21 италијански и 4 хрватски.
Идејата на МамаРент е да стане сигурен партнер на сите родители кои доаѓаат во Венеција и гарант дека ќе најдат се што им е потребно за добар одмор со најмалите.