Фондот за иновации и технолошки развој го објави вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР), за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации. Повикот е наменет за сите микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес.
Со овој повик, Владата обезбедува до 70% ко-финансирање за микро и мали односно до 60% за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари. Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.
Целта на Инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри меѓусебна соработката на компаниите, соработка со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.
Вкупен износ на средства на вториот јавен повик во рамките на ПЕР, е 5 милиони ЕУР од кои 2 милиони обезбедува Светската банка. Со ова, Светската банка станува финансиски партнер на ФИТР и Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите.
Вториот јавен повик е отворен од денес до 15 мај 2019 година. Во периодот на аплицирање, домашните компании ќе имаат можност за користење на бесплатна советодавна поддршка од ФИТР. За прв пат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано, во Тетово, Струмица и Битола, во соработка со локални и регионални партнерски организации. Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, Фондот ќе реализира и повеќе информативни сесии во соработка со стопанските комори и други организации.
Евалуацијата на пристигнатите инвестициски предлози ќе се врши во две фази: првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втора фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.
Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк www.fitr.mk/inovacii.
Макфакс