Народната банка ја подготвува првата национална стратегија за финансиска едукација на населението

- Advertisement -

Народната банка е домаќин на првата официјална мисија во рамките на проектот за техничка помош за финансиска едукација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија, којшто се одвива во седум земји од холандската конституенца при ММФ и Светската банка. Покрај Народната банка, носители на овој петгодишен проект се и Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението.

Претставниците на ОЕЦД, од кои е составена мисијата, утрово остварија работен состанок со гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, на кој, меѓу другото, беше потенцирано дека иако во моментов се одвива првата фаза на проектот, којашто претставува мапирање на главните активности кај јавниот и приватниот сектор во земјава и утврдување на фактичката состојба за активните програми во полето на финансиската едукација, кај сите инволвирани страни постои цврста решеност за максимална посветеност на проектните активности. Ангеловска-Бежоска истакна дека проектот дава одлична можност за утврдување на идните активности за натамошно подигнување на нивото на финансиска писменост на населението во земјата.

- Advertisement -

Во продолжение на денешниот ден, претставниците на ОЕЦД во рамки на мисијата ќе остварат работни средби и со експерти од централната банка, Министерството за финансии и Министерството за образование и наука, како и со неколку меѓународни организации. Во Народната банка ќе се одржи и тркалезна маса со претставници на приватните финансиски институции, со цел да се согледаат нивните активности од областа на финансиската едукација. За утре е предвидена и тркалезна маса на којашто ќе учествуваат претставници на сите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава, коишто заеднички учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Овие активности претставуваат уште една потврда за заложбите на финансиските регулаторни институции за следење на светските трендови во делот на финансиската писменост, како и за зајакната координација во овој домен и со приватните финансиски институции.

Сподели!
- Advertisement -