Заеднички ангажман на администрацијата, реалниот сектор и експертската јавност во процесот на пристапување кон ЕУ ќе обезбеди солидно прилагодување на националната економија кон стандардите на Европската Унија. За неопходноста од мобилизирање на сите ресурси и заедничка акција се дискутираше на регионалната конференција „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“, во организација на Сојузот на Ротари клубовите на Република Северна Македонија.
„Под годинешното глобално мото на организацијата – ‘Да инспирираме’, ја организиравме оваа конференција, сакајќи да отвориме една многу значајна тема кај нас, можеби најзначајна на патот кон ЕУ, да дискутрираме за перспективите и дилемите, а во насока на што подобра подготовка за предизвиците и можностите кои ни претстојат на патот кон и по влезот во Европската Унија. Растот на економијата е во основата на денешната тема, една од најзначајните причини позади нашите аспирации за членство во Европската Унија. Во таа насока верувам дека вистински ќе можете да ги искористите искуствата од регионот и да ги избегнеме бариерите“, истакна Зоран Тодоров, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.
Во воведниот дел од конференцијата се обрати амбасадорот на Република Словенија, Милан Језбец, како и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
„Во Европската унија природно припаѓаме и гравитираме. За да бидеме дел од тој напреден европски свет мора да поработиме на подигнување на стандардите и капацитетите. Очекувањата да добиеме препорака за почеток на преговорите се реални. Треба да знаеме сите дека не чека многу работа за која како Претседател на Владата ве уверувам дека сме подготвени и имаме капацитет да одговориме на сериозните предизвици и задачи кои се очекуваат од нас“, истакна меѓу другото претседателот на Владата, Зоран Заев, напоменувајќи дека „Владата е тука да го помогне тој процес преку низата мерки за поддршка за развој на конкурентноста преку Планот за економски раст“.
Целта на конференцијата е во духот на ротаријанството, преку размена на искуства, да се создаде поголема соработка и поттикнување на сите чинители во општеството да дадат свој придонес во процесот на пристапување на земјата во ЕУ.
„Преку отворање на дијалог и поврзување на искуствата, ротаријанството се залага за поттикнување на трајни промени во општествата во насока на обезбедување одржлив развој. Наша цел е да создаваме мостови преку кои ќе се трасира патот кон едно подобро глобално општество. За да ја оствариме таа цел креираме соработка која ќе помогне на патот кон развојот, а токму тоа е и целта на оваа денешна конференција“, истакна Јанез Липец, гувернер на Дистриктот 1912, каде што припаѓаат и Ротари клубовите од земјава.
Во рамки на конференцијата беа организирани и три панел-дискусии на кои експерти од различни области дискутираа за искуствата на земјите во регионот и предизвиците на националните економии во пресрет и по влезот на ЕУ, за потенцијалот за раст и ризиците за националната економија и за енергетиката како стратешки сектор на националната економија и потенцијалите за раст.
Преку повеќе од 110 години ротаријанците од цел свет се ангажираат за промовирање на мир, борба против болестите, обезбедување на чиста вода, санитација и хигиена, поддршка на мајките и децата, поддршка на образованието, раст на националните економии од односно на теми кои се од глобално значење за човештвото.
Активностите се спроведуваат преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, од кои 20 клубови на Ротари кај нас, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на своите цели.