Хрватскиот стартап Bellabeat во јуни минатата година примил инвестиција од 12,5 милиони евра од AOL Ventures. Ова не е најголема инвестиција во хрватски стартап лани – тоа беше влезот на Порше во Rimac Automobili со 18,7 милиони евра, но е втора најголема инвестиција во хрватски стартап досега. Bellabeat досега тоа го чуваше во тајност.
AOL е еден од трите најголеми компании за интернет-услуги во САД. Компанијата е дел од групацијата Verizon, која поседува низа медиуми меѓу кои и The Huffington Post, Engadget, TechCrunch и MapQuest. Во склоп на групацијата е и Yahoo и софтверското решение AOL Desktop.
Bellabeat половина година пред инвестицијата, на крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, се реструктурираше. Сандро Мур, соосновач и директор на Bellabeat, потоа објави дека вкупно има 50 вработени и дека таа бројка планира да ја зголеми на 70. Во тој момент фокусот беше ставен на основање канцеларија во Њујорк.
Компанијата разви повеќе високотехнолошки производи за жени – од накит до паметни шишиња за вода и планира да се позанимава со примена на вештачка интелигенција во зачувување на човековото здравје. Стартапот стана познат во 2014 година како прв стартап кој успеал за привлече голема странска инвестиција.
Пред пет години основачите на Bellabeat, Сандро Мур и Уршка Сршен, поставија високо ниво за хрватските стартапи. Тогаш тие примија рекордни 4 милиони евра инвестиција од низа познати инвеститори. Мреѓу нив беше актерката Џесика Алба, креаторот и водечки програмер на Gmail, Пол Бухајт, основачот на TechCrunch, Мајкл Арингтон, еден од најбогатите луѓе во светот Николас Бергруен и еден од најпознатите инвеститори во Силиконската долина и човекот кој меѓу првите инвестираше во Google и во PayPal, Рон Конвеј.
Според податоците на американската комисија за хартии од вредност, со најновата инвестиција на AOL Ventures, Bellabeat го зголемил бројот на инвеститори, односно косопственици на 28. Во документот се наведува и дека Сандро Мур останува директор на компанијата.