Скопски гимназијалци претворија велосипед во полнач за мобилни телефони

- Advertisement -

Средношколците од скопската гимназија „Орце Николов“ од пред неколку месеци немаат проблеми кога станува збор за ситуацијата во која ќе им „цркне“ мобилниот телефон, а немаат полнач за батерија. Во таква ситуација едноставно одат до статичниот велосипед поставен во нивното училиште кој има токму таква намена: да служи како полнач на батериите на мобилните телефони. Тогаш, мобилниот телефон го приклучуваат на посебен апарат инсталиран заедно со велосипедот и почнуваат да ги вртат педалите, возејќи го во место статичниот велосипед. За дваесетина минути батеријата, односно, телефонот веќе ќе бидат во состојба да ја извршуваат функцијата…

Како што пишува весникот “Скопско ехо“, зад овој изум стојат двајцата ученици во оваа гимназија– Иван Пешев и Стефан Малиновски од класот II/9 и кои овој проект го создале минатата година. Лани учествувале на UPSHIFT работилница за социјално претприемништво во организација на ЦЕЕД Хуб Скопје, а поддржана од Фонд за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ МК во Маврово. Оваа нивна идеја наречена „Динамик Дуо“ им се допаднала на организаторите кои решиле и финансиски да ја поддржат, по што тие пристапиле и кон нејзината практична реализација.

- Advertisement -

– Со нашиот проект ние сакавме да решиме три современи проблеми. Првиот проблем беше недоволната физичка активност кај младите, недоволната свест кај младите за трошењето на електричната енергија и немањето на телефонската батерија во секојдневието. Односно, да им овозможиме на младите полнење на телефони во ситуации кога немат полнач или извор на струја, ни објаснуваат Стефан и Иван.

Тие претходно направиле и анкети меѓу соучениците од кои се видело дека учениците имаа ниска или скоро непостоечка физичка активност, а која е важна за нивниот телесен развој во овие години. Утврдиле и дека средношколците не се свесни многу за тоа колку работа е потребна за создавање на електрична енергија и колку таа лесно се троши преку користењето на мобилни телефони.

- Advertisement -

– Се насочивме кон тоа корисниците да бидат токму тинејџери и млади. Точаците ја претвараат ротационата механичка енергија во електрична, со помош на мотор во функција на генератор (т.е. динамо систем). Наизменичната струја што се добива потоа се израмнува и се регулира на одреден напон погоден за полнењето на телефоните. Од изведените истражувања, во просек, телефоните се полнат 1 процент на секои 2 минути, но сепак има разлики и зависи од моделот на телефон, објаснуваат овие млади таленти додавајќи дека голема помош имале и од професорот од Природно-математичкиот факултет, Ристе Попески-Димовски.

Иван и Стефан сметаат дека точакот сега би можел да се постави на многу локации.

- Advertisement -

– Но, мислиме дека најдобро би работел на затворени јавни места за зголемена безбедност, како и од аспект на приватност и релативна анонимност при користење на точакот, потенцираат тие.

Инаку, и на двајцата заедничко хоби им било електрониката и програмирањето, односно, ја делат љубовта кон природните науки и технологија. Тоа и ги доведе до ова вредно и значајно помагало кое ќе им го олесни проблемите на младите кои брзо ги трошат батериите на своите мобилни телефони.

Работат на нова идеја
Двајцата талентирани средношколци ни велат дека ова искуство им претставува голема мотивација за понатамошни проекти.
-Секој предизвик кај нас е добредојден. Ќе ви откриеме дека моментално работиме околу нова идеја која се надеваме дека ќе се реализира со ист успех како и досегашната, ни ветуваат Иван и Стефан.

Сподели!
- Advertisement -