Александра Лeлов: Yanika e македонски иновативен производ кој го освои словенечкиот пазар

- Advertisement -

Yanika е иновативен продукт на Александра Лелов, Словенка со македонско потекло, која додека живеела во Скопје се инспирирала да направи спреј за дезинфекција и нега на шепите на миленичињата. Иновацијата, која сега го освојува словенечкиот пазар, е поддржана од македонските бизнис ангели! Лелов за Иновативност ја раскажа оваа инспиративна приказна!

Разговараше – Верица Јорданова

Yanika е природен спреј за чистење на шепите на домашните миленичиња, кој се користи после нивна прошетка. Освен што ги дезинфицира шепите, тој ги негува и заштитува. Користејќи го спрејот, сопствениците на домашни миленичиња нема потреба да користат дополнителна нега за заштита од сол во зима и од жешкиот асфалт во лето.

- Advertisement -
“Идејата ја добив од моето прво куче Лоти. Со оглед на тоа дека нејзе и беше дозволено да се движи секаде во станот и да лежи во мојот кревет, многу ми беше важно убаво да и ги исчистам шепите кога ќе влезе дома. Но, тогаш се јави проблемот кој го имаат многумина, а тоа е дека животните не сакаат вода и туширање. Затоа решив да направам нешто што ќе ни ја олесни оваа секојдневна рутина“, раскажа за Иновативност Александра Лелов, која е иноватор на спрејот Yanika.
“Кога сфатив дека секојдневното туширање не е здраво за кучињата, решив да направам сопствен производ. На почеток спрејот го користев  јас, па почнаа да го користат моите другари. Така всушност се роди Yanika“.

33-годишната Александра, чиј што татко е Македонец, ни раскажа дека продуктот настанал во Македонија пред пет години, кога таа дошла во Скопје на последипломски студии.

Продуктот настана во Македонија поради чувството дека надвор е навистина многу нечисто. Никој од нас не би се осмелил да се прошета низ градот бос и да легне во кревет без да се измие. Исто е и со миленичињата. Потребата да се исчистат убаво шепите на кучето после прошетка по нечисти улици ме натера да барам решение“.

 Александра  бргу го осмислила продуктот. Таа имала претходно искуство во правење природни продукти за сопствена употреба. Нејзината другарка-веган сама си правела сопствена козметика, како паста за заби, шампони и друго. Таа ја насочила каде да се информира за продуктот кој сакала да го направи и за изборот на природни состојки.
Yanika e целосно природен производ направен на база на кокосово масло, алое, етерично масло од лаванда и витамин Е.
Од идеја и реализација до пласман на пазарот и финансирање на целиот процес, продуктот Yanika беше поддржан од бизнис ангелите во Македонија.
Овој момент дојде сосема случајно, кога се запознав со дел од менаџментот на CEED Македонија. Тогаш во разговор со нив сфатив дека за пазарен пласман на мојот уникатен производ е потребна посериозна финансиска поддршка. Другата опција беше да се појавам на пазарот со интернет продажба, но можноста да се украде производот беше голема. Поддршката која ја добив од тројца бизнис ангели ми овозможи посериозно излегување на пазарот и маркетинг буџет за брендирање и позиционирање“, раскажува Александра.
 Таа својата идеја ја презентирала пред Клубот на бизнис ангели во рамки на CEED Македонија, кој е дел од меѓународна мрежа на претприемачки центри кои функционираат во Југоисточна Европа. Освен финансиска поддршка од тројца инвеститори, членови на овој клуб, таа добива консултантска и менторска помош, како и контакти и совети за различните ситуации со кои се соочува. Освен првата фаза на финансиска поддршка, веќе е започната втората фаза за пласман на словенечкиот пазар.
Фото- Aljosa Rebolj
Yanika во моментов се произведува и се пласира на словенечкиот пазар. Овој продукт влезе во топ 8 иновативни продукти во Словенија во рамки на проектот „Startaj Slovenija“.
Влегувањето во овој проект всушност овозможи Yanika сега да се продава во ланецот маркети „Spar” ширум Словенија.
Бидејќи производот беше пласиран преку проектот Стартај Словенија, цела Словенија многу бргу дозна за него. Засега е многу добро прифатен од страна на сопствениците на домашни миленичиња“, вели таа.
Амбициозната Александра не застанува овде. Во моментот работи со полна пареа затоа што во мај на пазарот ќе се пласира комплетна колекција за нега на кучиња и првиот продукт наменет за мачки –  антибактериски спреј кој уништува 99% од бактериите кои настануваат по нужда на мачките.
Како се користи Yanika?
После секоја прошетка спрејот се нанесува на шепите и со еден „шприц“ шепите се чисти, негувани и заштитени. Спрејот ги неутрализира и непријатните мириси, што е особено важно во дождливи денови.
Со проширување на линијата на производи под брендот Yanika, мојата визија е да станеме синоним  за природна линија продукти за нега на миленичиња“, децидна е Александра која вети дека Yanika ќе дојде и на македонскиот пазар.
Сподели!
- Advertisement -