Автомобили и мотоцикли кои користат бензин или дизел ќе бидат забранети за возење во Амстердам до 2030. Градскиот совет планира да ја воведе промената како дел од иницијативата за чистење на загадениот воздух.
„Загадувањето често е тивок убиец и е една од најголемите здравствени опасности“, рече советникот задолжен за градскиот сообраќај, Шерон Дијксма, најавувајќи ја одлуката на општината.
Од следната година, на автомобили што користат дизел постари од 15 години ќе им биде забрането да се движат по обиколницата А10 околу главниот град на Холандија.
Градските автобуси што испуштаат издувни гасови нема да возат во центарот на градот од 2022 година. До 2025 година, забраната ќе важи и за реквизити кои се користат за активности на вода, мопеди и лесни мопеди.
Целиот сообраќај во рамките на градската област мора да биде ослободен од издувни гасови до 2030 година според Акциониот план за чист воздух.
Градот планира да ги поттикне своите жители да се префрлат на автомобили на струја и водород, нудејќи им станици за полнење на секој сопственик на такво возило. Се надеваат дека пазарот за половни електрични автомобили ќе се развива во наредните години.
Потребни се од 16.000 до 23.000 станици за полнење до 2025 година за да се направи овој проект одржлив – моментално има 3.000 станици во градот.
Воглавно поради густиот сообраќај во Амстердам, Мастрихт и Ротердам, аерозагадувањето во Холандија ги надминува европските граници на загаден воздух. Постои загриженост дека нивоата на азот диоксид и емисиите на ПМ честички предизвикуваат респираторни заболувања.
Но, Здружението Рај, лоби група на автомобилската индустрија, го осуди планот како бизарен и регресивен.
„Повеќе десетици илјади семејства кои немаат пари за електричен автомобил наскоро ќе бидат оставени на студот. Тоа го прави Амстердам град на богатите. Во 2030 година, очекуваме околу една третина од автомобилите да бидат електрични. Но, исто така, ќе има многу луѓе кои ни тогаш нема да можат да си го дозволат тоа“, изјави претставник на здружението.
Во јануари 2018 година, холандскиот совет за здравство ја повика владата да изготви амбициозна стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата, предупредувајќи дека загадувањето ќе предизвика големи здравствени проблеми.
Градските власти и владите низ светот прават напори да ги отстранат од улица автомобилите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина.
Минатата година, Мадрид почна да го ограничува пристапот на возилата што користат бензин направени пред 2000 година и дизел возилата направени пред 2006 година. Рим вети дека ќе ги забрани возилата на дизел во центарот на градот до 2024 година.
Данската влада, исто така, соопшти дека сака да ја забрани продажбата на нови бензин и дизел автомобили од 2030 година, а хибридните возила од 2035 година.
(Радио МОФ)