До шест пати поголема заштеда на енергија со воведување мерки за енергетска ефикасност

- Advertisement -

 

Енергетската ефикасност придонесува кон намалување на потрошувачката на енергија, бидејќи секој киловат помалку потрошена енергија значи одреден финансиски бенефит за штедачот на енергија, но секако не треба да се занемари и влијанието што го има во борбата против климатските промени и импактот што го прави кон животната средина, е главната порака на петтиот и последен панел на Македонскиот енергетски форум МЕФ 2019.

На панелот на тема „Енергетската ефикасност како главен фактор за намалување на потрошувачката на енергија по 2030 година“ модераторот Методија Миноски, директор на Одделот за заштита на животната средина на Прокредит банка, посочи дека секој киловат час помалку потрошена енергија во суштина значи и помалку стакленички гасови и токму затоа мерките за енергетска ефикасност значат и заштита на животната средина.

- Advertisement -

Виолета Когалничеану од Енергетската заедница рече дека земјава, исто како и останатите земји од регионот, треба поголемо внимание да посвети на примена на мерките за енергетска ефикасност преку кои може доста да се заштеди енергија и со тоа да се намали увозната зависност.

-Македонија е на околу 50 отсто на остварување на мерките за енергетска ефикасност. Голем чекор напред беше имплементацијата на новиот Закон за енергетика. Очигледно дека отворањето на пазарот придонесува за тоа, рече Когалничеану.

- Advertisement -

Со мерките за енергетска ефикасност, додаде, треба да има поврат на инвестицијата и намалување на сметките. Мерките влијаат на зголемување на вработенста, на подобрување на животната средина, на излегување од енергетската сиромаштија, на зголемување на вредноста на објектите за околу 35 проценти,…

Извршниот директор на Екосвест, Ана Чоловиќ нагласи дека 55 отсто од граѓаните сметаат дека можат да влијаат на заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот.

- Advertisement -

-Истражувањето што го спроведовме покажа дека 29 отсто од граѓаните би го промениле начинот на греење, а само 10 отсто би примениле мерки за енергетска ефикасност за да се подобри состојбата со животната средина. Знаеме дека тоа е скап процес и се покажува дека 70 проценти од населението би примениле енергетски ефикасни мерки доколку добијат финансиска помош да ги спроведат, рече Чоловиќ.

Според неа, државата треба да обезбеди поволни кредити пред се за граѓаните за подобрување на енергетската ефикасност.

Ана Стојиловска од Централноевропскиот универзитет во Будимпешта говореше за енергетската сиромаштија и за превенцијата од неа преку законски одредби и мерки кои треба да ги преземе државата.

-Под енергетска сиромаштија се подразбира кога граѓанинот не може да ги задоволи потребите за енергија и мора да штеди. Кај нас има податоци дека тоа засега и дел од средната класа. Друг проблем се старите објекти кои се недоволно енергетски ефикасни, а и неможноста со искулучок на Скопје да се приклучат на централно греење. Поради сето тоа граѓаните се принудени да се греат на дрва, рече Стојиловска, нагласувајќи дека нема свест оти енергетската сиромаштија придонесува за загадување на животната средина.

Посочи дека е неопходно на граѓаните да им се овозможи да добијат поволни кредити за воведување мерки за енергетска ефикасност и во тоа, додаде, државата треба да ја земе главната улога.

Ивица Јакимовски, директор на Голден арт и претседател на Градежната комора потенцира дека градежниот сектор учествува со 40 до 45 отсто во вкупната потрошувачка на енергија.

-Домаќинствата учествуваат со многу голем процент во потрошувачката на енергија и затоа треба да се воведуваат мерки за енергетска ефикасност. Во последните десет години практикуваме изградба на објекти со енергетска ефикасност, но на граѓаните треба да им се посочи дека треба да користат ефикасни градежни материјали од А енергетска класа. Најголем дел од енергијата оди на греење и ладење. Значаен дел од тоа може да се реши преку енергетски ефикасни прозорци и врати со специјални стакла кои не дозволуваат губење на енергијата или влегување на топлина од надвор, рече Јакимовски.

Заштедата на енергија, нагласи, може да се зголеми и до штест пати доколку се воведат мерки за енергетска ефикасност од А класа.

Гонзало Бариос до ИПЦГ мбХ од Германија рече дека заштедите во индустријата бараат воведување на тешки мерки во целиот процес на производство, користење ЦНЦ машини, компјутери,…. се за да се избегнат грешки во производството и да се заштедат материјали. За земјоделскиот сектор е потребна посовремена механизација дури и целосно автоматизирана. Трговијата, пак, треба да има ефикасни простории за индустриско ладење, особено за прехранбените производи. Транспортниот сектор треба да премине на електрични возила.

-Сето тоа би имало позитивно влијание врз животната средина. Кога говориме за заштита на животната средина финансискиот сектор некогаш би можел да биде кочничар. Кога се дизајнира некој банкарски производ некогаш нема разбирање за енергетската ефикасност и се гледаат профитите на банката, рече Бариос.

Според него, банките доколку не се двигатели на воведувањето мерки за енергетска ефикасност во општеството ќе изгубат многу пари и треба да препознаат дека има можност за ширење на профитот со отворање на други бизниси.

Сподели!
- Advertisement -