Договор за закуп на парцела со површина од 139.640 квадратни метри во ТИРЗ Скопје денеска е потпишан со германската фрмацевтска компанија Герешајмер која во повеќе фази треба да реализира објект од неколку десетици милиони евра во кој ќе работат 400 високостручни кадри.
Првата фаза треба да се реализира до крајот на декември годинава или најдоцна во првиот квартал од следната година.
-Во Владата го потпишуваме договорот за една од највредните странски инвестиции со Герешајмер, светски бренд за производство на амбалажа за медицинска и фармацевтска индустрија. Тоа е една од двете инвестиции кои беа договорени непосредно по потпишувањето на протоколот за членство во НАТО. Политичката, но и економската стабилност, како и влезот на европскиот пазар е најсилната гаранција за привлекување странски инвестиции. Многу брзо ќе соопштиме дека ќе бидат потпишани договори со уште две странски компании, рече премиерот Зоран Заев пред потпишувањето на договорот.
Тој нагласи дека инвеститорите веќе ја препознаваат земјава како сигурна и стабилна дестинација за своите вложувања.
-Политиките даваат резултат, креираме позитивен економски амбиент. Посветеното работење на привлекувањето нови странски инвеститори и на одржувањето на контакти со постојните инвеститори, но и на поттикнувањето на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови ќе продолжи и во иднина, рече Заев и додаде дека резултат на тоа се нови 19 странски инвестиции од почетокот на мандатот и рекордно ниво на странски инвеститори.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека потпишувањето на договорот доаѓа по една и пол година разговори и преговори.
-Компании како Герешајмер вработуваат луѓе кои имаат технички и технолошки знаења и кои можат да обезбедат работа за младите луѓе во нашата држава со високо образование и да им обезбедат пристоен живот за да не си одат од државата, рече Анѓушев.
Извршниот потпретседател на Герешајмер задолжен за глобални операции, квалитет и набавки Оливер Марк Бергел рече дека три работи биле главни за да се решат да инвестираат во ТИРЗ Скопје.
-Првата работа е што имате млади луѓе кои се стремат кон знаење и се подготвени да работат напорно. Втората е добрата инфраструктура, а третата непрекинатата добиена поддршка од Владата за сите потешкотии со кои се соочивме. Планираме да имаме вработени со висок квалитет. Сметам дека луѓето треба да останат во својата земја и ние сме тука за да ги поддржиме, рече Бергел.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски порача дека работата не завршува со потпишувањето на договорот, туку само што почнува.
_Се надевам дека што побрзо ќе успеете да го реализирате зацртаниот проект и ви стојам на располагање во секое време за да ви помогнеме во неговата реализација, рече Младеновски.
Герешајмер е светски позната компанија за производство на апликатори за инсулин, инхалатори за астма,… основана во 1864 година. Има 50 свои фабрики во 15 држави на четири континенти во кои работат 10.000 вработени што остваруваат 1,3 милијарди евра промет. Соработува со сите гиганти од фармацевтскиот сектор.