Италијанско-американскиот автомобилски гигант Fiat Chrysler објави дека му предложил спојување на француски Renault, а истакнатиот застапник на владејачката италијанска екстремно десничарска партија Лига порача дека владата може да побара удел во новата компанија симетричен на францускиот.
Fiat Chrysler упати необврзувачко писмо до управата на групацијата Renault, предлагајќи поврзување на компаниите по формулата 50%-50%. Со спојувањето би се формирал третиот најголем производител на автомобили во светот, кој годишно би продавал околу 8,7 милиони автомобили.
Од Fiat Chrysler истакнуваат дека постои можност за синергичен ефект во износ од над 5 милијарди евра годишно, како тој кои произлезе од партнерството на Renault со јапонски Nissan и Mitsubishi. Притоа, нагласуваат дека нема да се затворат постојните погони и дека во извршниот одбор би седеле главно независни директори.
Заедничкото портфолио на брендовите би било широко и меѓусебно би се надополнувало, па би се покривал целиот пазар – од луксузни до стандардни модели. Акциите на новонастанатиот автомобилски гигант би котирале на берзите во Париз, Њујорк и Милано.