Сенатот на Филипините донесе нов закон со кој сите студенти се обврзуваат да посадат десет дрвја за да дипломираат. Со оваа програма се планира да се засадат 525 милијарди дрвја од само една генерација студенти.
Законот наречен Оставнина на дипломците за животната средина jа поттикнува соработката меѓу различните генерации и одговорноста за иднината на животната средина. Законот опфаќа 12 милиони основци кои завршуваат основно образование, 5 милиони матуранти и половина милион дипломци секоја година.
“Знаеме дека младите имаат право на балансиран и здрав живот, но тоа не значи дека не треба да дадат свој придонес за да се осигураат дека животната средина ќе им го овозможи тоа“, велат од владата на Филипините.
Локалните непрофитни организации ќе помагаат во имплементацијата на новиот закон со избирање ендемични видови дрвја и локации за засадување. Според законот, дрвјата ќе се садат само на места каде што веќе има шума, во заштитени области, на напуштени рудници, површини во сопственост на војската и во урбани средини. Непрофитните организации ќе се погрижат и расадниците постојано да се снабдени со дрвја.
На Филипините има голем проблем со обесшумувањeто – речиси 10 милиони хектари шума се исечени во последните 50 години. Во текот на 20 век површината од Филипините која е под шума се намалила од 70% на само 20%.