Компанијата која ќе ја добие работата ќе се знае до октомври годинава, а крајниот рок за нивна изградба и за воведување на електронска наплата е 12 месеци.
Во меѓувреме, превозниците реагираат и се лути на државата што ги поскапува патарините. Билјана Муратовска од Асоцијација на превозници МАКАМ-ТРАНС за Алфа вели дека секое воведување на нова давачка ги зголемува трошоците за транспортерите.
Оваа недела и официјално ќе биде пуштена во употреба првата од двете патарини на автопатот Демир Капија – Смоквица, кај Гевгелија. Таа ќе биде најскапа од до сега, и за автомобил ќе чини 100 денари.
Другите превозници ќе плаќаат 160 денари, тоа се возилата од втора категорија, каде влегуваат комбиња и автомобили со приколка, потоа 290 денари за автобусите и полесните камиони, и 430 денари за шлеперите. Доколку користат електронски картички, овие превозници сепак ќе имаат попуст и до 7%.
На делницата Штип – Миладиновци, на двата пункта кај Кадрифаково и кај Свети Николе ќе се плаќа по 50 и по 70 денари, што заедно со патарината Миладиновци, дневното користење на новиот автопат ќе чини 360 денари. Ова е за 120 денари повеќе од патувањето на релација Штип – Велес – Скопје и обратно.
Инаку, по отворањето на новите делници, во Македонија се плаќаат најскапите патарини во регионот, ако се суди според извозените километри.
Во Бугарија електронската вињетка за еден месец без никакви ограничувања за патувања чини 940 денари. За истиот период во Македонија возач кој редовно патува од Гостивар или Гевгелија до Скопје треба да плати 5.320 денари или 6.840 денари. Од Велес до Скопје и назад месечно треба да се плати 4.560 денари за еден автомобил.
(www.economist.mk)