11 C
Skopje
петок, мај 29, 2020

 Паоло Теренци правеше парфеми во живо во Скопје! Уникатните парфеми се светски хит!

Kabtel desktop

 Паоло Теренци е италијански креатор на парфеми, автор на брендовите „Tiziana Terenzi“ и “V Canto“ кои се дел од семејна компанија за производство на парфеми, која ја основал неговиот дедо.
Неодамна во Скопј во парфимеријата „Анабела“ во хотел „Мериот“, Теренци беше главен актер на уникатен настан – правење на парфеми во живо! Неговото доаѓање во Македонија го искористивме да поразговараме со него!

Разговараше – Верица Јорданова

Кој е  Паоло Теренци?

Кога ме прашуваат за мојата професија, велам дека јас сум „нос“, односно „носот“ кој стои позади брендот кој го носи името на сестра ми Тицијана Теренци и брендот „Квинто Канто“, кој е лично моја креација. Станува збор за семеен бизнис кој го основал дедо ми пред 51 година. Татко ми беше на чело на компанијата до 2004 година, а сега јас и сестра ми заедно го водиме бизнисот. Потребни се четири раце за да се заврши работата. Јас имам една улога, сестра ми друга.

Како го вашиот „нос“ стана ваша професија? Може ли тоа да се научи?

Кај мене станува збор за комбинација од гени и учење. Дедо ми правеше парфеми, па ја имав привилегијата да пораснам со таков учител во мој дом и во животот генерално. Како дете по цел ден бев во лабораторијата со него. Уште од мали нозе бев алхемичар, мешав состојки, правев грешки. Бев многу палаво дете, па дедо ми знаеше да ми стави превез на очите и ми даваше работи да ги мирисам и да ги погодам за да ме занимава малку. Така научив да препознавам мириси без да гледам. Потоа ме научи како да ги мешам состојките. Исто така, експерт сум по хемија. После долго време поминато во лабораторија станав она што сум денес – „нос“.

Исто така сум и бизнисмен. Во компанијата не се занимавам со продажба, затоа што тоа не е мое задолжение, но сум претседател на компанија која е една од најголемите во оваа индустрија.

Кои се трендовите во вашата индустрија?

Парфемите и козметиката се уште се интересни производи на пазарот. Споредено со други производи, се уште владее трендот на козметиката и парфемите. Има големи можности затоа што сега се отвори кинескиот пазар, кој не беше подготвен за парфемите пред неколку години. Потрошувачката на парфеми е во голем пораст на кинескиот пазар и сите големи корпорации како L’Oréal, Estee Lauder, Coty и други се веќе таму.

Голем тренд сега кај богатата клиентела се уникатните парфеми. Следејќи го тој тренд ние имаме многу производи кои чинат и по 700 евра, а имаме и парфеми кои специјално ги правиме за кралски семејства, фудбалери, актери и слично кои чинат и по 50.000 евра по шише. Денес е незамисливо дамите од високите класи кои седат на иста маса во ресторан или на состанок да носат ист парфем. Денес таквите луѓе сакаат да имаат сопствени мириси. Италијанските парфимерии работат повеќе отколку која било друга земја на тоа поле. Артизанските парфимерии постојат од 1975 година, но станаа популарни пред 3-4 години. Претходно се правеа по неколку шишенца парфеми за вистински љубители на парфемите или за некои ексцентрични личности, а сега се претвори во нов тренд на пазарот. Претходно луѓето се чувствуваа добро и сигурно кога носеа парфем на позната марка, а сега сакаат да бидат екстремни и да експериментираат со мешање на различни култури.

Кога зборуваме за иновациите и различноста во оваа ваша индустрија, што е иновативно во индустријата за парфеми?

За мене да се биде иновативен значи да се гледа во минатото. Нашиот бренд зборува за иновативната иднина на традицијата затоа што пазарот се менува и се движи многу бргу на многу полиња. Се случува развој на технологија, на вештачката интелигенција и стануваме многу помалку социјални битија. Нашите деца седат еден наспроти друг и и четуваат на мобилен телефон или гледаат видеа наместо да комуницираат во реалниот свет. За мене денес е многу битно да се гледа во минатото. Да учиме од антиката, од Египќаните, од италијанските парфимерии од 15-тиот век. Оттука црпам инспирација за иновации затоа што оттогаш датира основниот концепт за парфемите и убавината на парфемите. Она што не смееме да го е концептот на убавината. Убавината секогаш е главното оружје за да се продаде нешто.

Дали тоа значи дека вие во вашите парфеми користите нешто што денес не се користи многу и не е конвенционално?

Апсолутно. Порано велев дека сум политички некоректен затоа што ги рушам сите правила на основниот концепт на парфимериите. Најпрвин, користам само природни состојки како што правеле и моите предци. Не сакам ништо синтетичко. Од тие природни состојки правам нешто што не е според ниедни правила, туку е високо квалитетно. Играм со тие состојки за да ја сменам вредноста на моите производи и да истражувам нови полиња. Јас создавам нешто што е уникатно. Можете да речете дека не ви се допаѓа, дека не е за вас, но не можете да останете рамнодушни затоа што е уникатно.

Дали понесувате состојки од секоја земја што ја посетувате? Дали можеби ќе понесете нешто од Македонија?

Порано повеќе патував и 220 дена од годината не бев дома и имам добри конекции со различни земји. Одев по нешто посебно во секоја земја, како Камбоџа, Индија, Лаос, Мјанмар. Барав пачули од Адамс Сити или ванила од Тахити. Сега имам тројца вработени кои патуваат наместо мене и бараат состојки за парфеми. Ова ми е прв пат во Македонија. Досега многу ми се допаднаа вината на една винарија овде во Скопје. Открив многу зеленчуци со неверојатен вкус. Можеби наредниот пат кога ќе бидам тука ќе најдам и некои состојки за парфеми.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •