Интервју со Сашко Самарџиоски за Пепси, Прилепска пиварница и предизвиците со кои се соочуваат

- Advertisement -

 Се одбележува 40 години Пепси во Македонија. Импресивен јубилеј. Како воопшто дојде светскиот бренд кај нас, која е приказната?

Да, 40 години јубилеј никогаш не е за занемарување зошто тоа не е само бројка, не е само пригода за прослава туку тоа е временска рамка во која се случиле многу работи, многу успеси и неуспеси, достигнувања, падови, победи и порази, насмевки, награди, но и по некоја солза. Временска рамка низ која поминале многу генерации кои оставиле дел од својот живот во пиварницата и биле сведоци на нејзиниот раст и развој.

- Advertisement -

Непобитен е фактот дека далечната 1979 година кога е потпишан првиот договор со Pepsi Cola International за франшиза, значи нов живот за пиварницата, ново раѓање. Компанијата станува дел од светското семејство на Pepsi, што ќе значи прифаќање на нови норми на однесување, нови стандарди во производство, ново знаење и сето тоа значи издигнување на целата компанија на едно друго ниво кое сигурно би било многу потешко да се достигни доколку Прилепска пиварница не се приклонила кон оваа светска компанија. И ако се има предвид низ што се поминавме како општество сите овие 40 години, тогаш успехот да се опстои и да се расте цел овој период навистина добива уште повеќе на значење и на тежина.

А сигурно не било ни малку лесно да се направи договор со една ваква светски реномирана компанија а уште потешко да се исполнат стандардите за да се отпочне со производство. Но како што секогаш при донесување на бизнис одлуки треба да се има храброст, решителност и знаење, среќата е неизоставен дел од водењето бизнис. Така и татко ми, Кирил Самарџиоски, во тоа време генерален директор на Прилепска пиварница, нашол сили, составил екипа и покажал решителност да се потпише договорот за франшиза со Пепси кола и во најбрзо време да се инвестира во опрема и да се отпочне со производство и продажба на овој реномиран светски бренд и кај нас во Македонија. А се почнало со еден, на прв момент “обичен” телфонски разговор! Луѓето од американската компанија подолго време барале фирма која ќе може да одговори на нивните потреби и барања за да почне да се продава и произведува нивниот бренд и во Македонија и после подолго снимање на состојбата и разгледување која компанија би можела да биде нивен партнер, одлуката паднала на Прилепска пиварница. Во тоа време пиварницата воглавно била производител на пиво, но во својот асортиман имала и безалкохолни газирани пијалоци кои биле од локален карактер и не баш познат бренд на македонскиот пазар. Исто така во седумдесеттите години пиварницата била во јак инвестициски циклус и била компанија со најголем раст и развој од сите компании во истата дејност. Така што одлуката токму Прилепска пиварница да биде партнер на Pepsi Cola International е многу јасна и очекувана. Кога се јавиле за да закажат состанок со генералниот директор Самарџиоски, тој веднаш ја препознал шансата и потенцијалот за раст на компанијата доколку се потпише договор со американската компанија и дал се од себе истото да се случи најбрзо што може. Така што од потпишувањето на договорот до отпочнување со работа и производство на Пепси поминала неполна година што во тоа време било рекорд во Пепси кола, а богами и денес е за респект! Ете така започнува успешната приказна Pepsi во Македонија која трае до ден денес , а се надеваме дека ке трае уште многу повеќе! И ова е единствениот договор кој Pepsi Cola International го потпишала уште во Југославија, а трае и ден денес! Сите други фирми со кои имале договори за франшиза (во секоја република по една фабрика) денеска не се дел од ова светско семејство. Или им се прекинати договорите или компаниите се пропаднати. Но Прилепска пиварница успешно ги преброди сите кризи кои ни се случија како општество и денес претставува една од ретките компании која е со доминантен домашен капитал а е компанија за респект на меѓународната сцена.

- Advertisement -

Ете тоа го славиме оваа година, ете тој период е вреден за славење и овој јубилеј дава само еден печат на се што се поминало сите овие 40 години!

 

- Advertisement -

Кој е моментот кој ви донел најголема радост во овие 40 години?

Во сите овие години сигурно имало многу моменти за радост, насмевка, исполнетост и задоволство. Но нема бизнис кој толку долго трае а да нема и кризни моменти, падови, моменти на незадоволство. Тоа е нормално и добро е што ги има и тие моменти за компанијата да се реорганизира и да се престрои како што треба за да може да одговори на новите предизвици и на новото време. Среќа е ако тие моменти траат кратко и не направат поголемо “тектонско” пореметување внатре во организацијата. Тоа се има случено и кај нас, посебно што моментите на распад на една држава и формирање на друга, премин од еден систем на уредување во друг, не можат да поминат без да остават трага на било кој деловен субјект кој работел во тоа време. Но, покрај сите проблеми кои ни се случувале како држава сепак пиварницата во сите овие години успешно се справила со сите предизвици и успеала да бележи доста завидни резултати кои не останале неприметени од релеватни институции и нормално од Pepsi Cola International како лиценцодавател. Јас не можам да зборувам за почетокот, кога отпочнала продажбата на Пепси во Македонија затоа што тогаш не сум бил во компанијата, но она што го имаме достигнато последниве 15-тина години сметам дека заслужува и повеќе од респект. Ги имаме добиено највисоките признанија за квалитет од страна на Pepsi, и редовно, секоја година од страна на независни компании кои ги ангажира Пепси ни се прават контроли и секогаш поминуваме со највисоки оценки за грижата за квалитет на производите и производствените процеси.

Секоја година достигнуваме рекордни бројки во продажбата на овој сладок пијалок и сме единствените од сите екс ЈУ држави кои имаат најголем market share во споредба со најпознатиот светски безлакохолен пијалок во светот. Така да иако сме мали како држава нашите успеси како компанија се препознаени и наградени сите овие години. Една од овие на нас драги признанија се одвојува и претставува круна на сите награди, а се однесува на конзистентно унапредување во квалитетот и менаџмент на процесите за остварување на врвни резултати. Тоа беше наградата од Pepsi Cola International која во 2014 година ни ја додели наградата “Chairman’s Circle of Champions” која беше доделена на само ¼ од 1% производители на Пепси во светот! Или на кратко 0,25% од фабриките што произведуваат Пепси во цел свет.

Ете таа награда, која ни ја додели лично Претседателката на PepsiCо, Индра Нои, во New York (од цела Европа бевме одбрани само ние), ни претставува круна на сите признанија кои ги имаме добиено претходно, а ги добиваме и сега, и е потврда за нашите заложби секогаш да се тркаме со самите себеси и да бидеме подобри секој нареден ден!

 Во каков капацитет работи Пепси во Македонија? Можеме ли да ја доловиме големината на проектот?

Не е едноставно да се работи под договор за франшиза. Можеби на некој му изгледа лесно да работиш за некој светски бренд и светска марка затоа што тоа ти дава некаква си гаранција дека можеш полесно да продаваш, но во суштина кога ке се погледне од другата страна на медаљата ќе се увиди колку работа, макотрпен труд и инвестиции стојат во позадина за да се исполнат сите стандарди и очекувања од оној што ја дава франшизата, а се во насока да се одржи стандардот на производот или услугата по која е препознатлив тој бренд. Тие што работат со вакви договори знаат за што зборувам. Со други зборови кажано, за да се работи еден бренд каков што е Пепси, не е битно во која држава сте, битно е дека сите стандарди за квалитет и грижа за конзументите треба да бидат задоволени. А тоа верувајте ми не е нималку едноставно и изискува доста инвестиции, време, работа. Ние во овие изминати 40 години од договорот со Pepsi Cola International, имаме инвестирано повеќе од 50-тина милиони долари (двете компании заедно) во македонскиот пазар. Што во опрема и основни средства, што во маркетинг и продажба, што во човечки капацитети, но факт е дека се многу пари. И тука не се застанува. Секоја наредна година инвестициите се зголемуваат, барањата растат и притисокот е се поголем. Така што за овој проект кој започнал пред 40 години, верувам дека ни на крај памет се немало претстава до каде може да порасне. Но, еве сме во 2019 и ние продолжуваме понатаму со уште позабрзано темпо да одиме кон нови височини и нови предизвици. Не очекуваат нови инвестиции, нова палета на производи, модернизација на производствeните капацитети и некогаш нема време за одмор. Едноставно пазарот не не остава да го намалиме темпото на работа туку напротив, бара од нас секогаш да бидиме во врвна кондиција и спремни да одговориме на сите предизвици. Денес во компанијата работат 266 лица, но исто така за компанијата работат и дистрибутери во цела Македонија кои имаат просечно по 40-тина вработени. Имаме преку 200 добавувачи, повеќе од 7000 коминтенти, така штo директно или индиректно од овој бизнис опстануваат и живеат неколку десетици илјади луѓе во државава, а самата држава преку даноци и придонеси за вработени наплаќа серозна сума на пари од компанијата. Со ова сакам само да го потенцирам импактот што еден ваков деловен субјект го има врз растот и развојот на целата економија во државава. И кога би имале што повеќе вакви успешни приказни во земјава сигурен сум дека истата ќе биде подобро место за живеење на сите и помалку ќе имаме исселување на младите кое сега е најизразено и е горлив проблем со кој треба под итно да се справи државата.

 

 Решивте да го прославите јубилејот. Веќе некое време, секој ден наградувате некој ваш купувач со по 40.000 денари

Па прославување на јубилеј нели, не го бива без честење…   Па кого би го почестиле повеќе отколку нашите верни и драги потрошувачи. Во чест на нашата годишница, заедно со Пепси, решивме оваа година да го прославиме јубилејот со тоа што ќе доделуваме секој ден на еден наш конзумент по 40.000 ден., а на крајот на наградната игра, која трае 40 дена, ке доделиме главна награда од 400.000 денари за еден конзумент, а ќе учествуваат во извлекувањето сите оние кои испратиле код во целиот период додека трае кампањата. И ќе забележите дека целата игра е со бројот 40!  40 годишен јубилеј, 40 дена наградна игра, секој ден по 40.000 денари награда и на крајот 400.000 денари за еден среќен добитник. Мислам дека добро е осмислен целиот концепт, нели? Jас сум многу задоволен од одзивот на нашите потрошувачи и верувам дека и оваа година ќе имаме уште една успешна приказна позади нас.

Годинава се поклопува со уште еден важен јубилеј за вас…

Да, оваа година славиме уште еден јубилеј како компанија, а тоа е 95 години постоење на Прилепска пиварница. Не се знае кој од кој поголем јубилеј!  Ако за 40-те години имам да кажувам неколку часови, тогаш за 95-те години ќе треба да зборувам со денови! Во секој случај да не се повторувам од претходно, драго ми е што еве и после толку години поминати можиме да зборуваме за една успешна македонска компанија која во целиот овој период на опстојување и покрај сите проблеми и предизвици сепак опстанала, пораснала и е денес компанија за респект и дома и надвор од нашите граници. Нормално, како и за Пепси така и за конзументите на пиво приредуваме доста изненадувања оваа година, а по повод 95 годишнината. Сега почнавме со наградна игра за пијачите на Златен Даб, а понатаму ќе има и други интересни работи кои сега не би сакал да ги обелоденувам, така што, се на се ни претстои една интересна година и се надевам на крајот ке биде успешна. За брзо време ќе дојде и јубилејот над сите јубилеи, 100 години од постоењето на Прилепска пиварница, па тогаш ќе спремиме нешто посебно за да се прослави таа годишнина со која многу малку компании можат да се пофалат во нашата држава. Но, тогаш ќе направиме друго интервју и ке кажеме што се ќе не очекува 

 Ги споменавте вработените. Имате ли проблеми во тој дел? Како се снаоѓате во овие времиња кои носат многу предизвици?

Да, вработените на компанијата се столбот на кој се гради и надградува самата компанија. Тие се нашиот најголем капитал. Во денешно време секој што е во бизнисот ке ви каже дека вработените му се најбитни од се во фирмата. Тоа е така затоа што дојде време кога не е проблем да се купи некоја машина, да се најдат пари за некоја инвестиција, денес цената на капиталот е многу ниска и лесно достапна. Банките се многу ликвидни и имаат доста пари кои се спремни да ги пласираат на пазарот. Во време на интеренет не е проблем ни да се најде партнер од друго место и брзо да се воспостават односи за соработка. Не е толку проблематично ни да се најдат други пазари за да се работи за нив. Но најпроблематично е да најдеш добри вработени кои ќе ја чувствуваат фирмата како своја и ќе дадат максимум за неа. Дури многу често не се ни парите пресудни за да ги зачуваш своите вработени и да бидат задоволни таму каде што работат. Голем број на работи ја составуваат сликата како да ги зачуваш своите вработени, како да инвестираш во нивниот развој и како да бидат лојални до крај на својата кариера во компанијата. Порано знам дека кога некој се вработуваше, тука го гледаше и своето пензионирање. Но, во денешно време работите драстично се изменија и сега никој или многу ретко некој се поистоветува со компанијата. Дури и како да постои натпревар колку компании треба да се променат во еден работен век. Тоа секако од корен ја промени и нашата позиција како компанија и сега многу повеќе работиме на тоа да го едуцираме нашиот кадар, да работиме со вработените на поставување на една внатрешна кохезија меѓу нив, да го билдаме нивното знаење преку обуки и разни семинари како би дале до знаење на секој од нив дека доколку има интерес од нивна страна за раст во компанијата ние сме тука да бидиме покрај нив и заедно да овозможиме да постигнеме врвни резултати. Нормално, секогаш постои нешто што може дополнително да се направи, но загрижува факотот дека колку и ние да работиме на нашите вработени и на нивните перформанси, државата треба да си ја заврши својата домашна задача. Да го промени образовниот систем, да им овозможи на младите да го развиваат претприемачкиот дух, да прекине со партизација на институциите и да биде најголем конкурент на пазарот на работна сила преку вработување во државни институции, и да ја промени комплетно климата за живот во нашата држава. Затоа си одат нашите млади кадри. Не само заради пари. Не… Кај нас се случи да си замине добро обучен кадар во кого компанијата инвестираше во неговиот развој, не заради плата, имаше многу солидна плата за наши услови, туку заради поквалитетен живот.

Сега се соочуваме со тренд на одлевање на кадри кои се многу добро платени, а сепак си одат. Тоа кажува дека ние како држава тонеме и не можеме да си ги задржиме вработените затоа што тие бараат подобар здравствен систем, подобро образование, порелаксирани услови за живот, подобра инфрасктруктура, подобра средина за живот, почист воздух… Со еден збор поквалилитетен живот. Ете тука ја губиме битката како држава и против тоа ние како компанија не можеме да направиме баш многу.

Инаку нашите вработени во однос на нивниот третман мислам дека нема на што да се пожалат. Ги имаат сите права што им следуваат според закон и многу повеќе од тоа. Секогаш сме тука да им излеземе во пресрет на нивните размислувања, барања и да бидат разбрани од менаџментот. Се трудиме да воспоставиме концепт на праведност и правичност и мислам дека веќе сме доста успешни во тоа, така што кој колку придонесува во работата, така да биде и вреднуван, а не да зависи од тоа кој е и кого познава. И тој принцип мислам дека вработените го препознаваат и тоа дополнително им дава надеж и волја да работат на себе и дека тоа на крајот ќе им се исплати.

Гледаме да функционираме како една голема фамилија и како во сите фамилии можно е да настанат и конфликти и недоразбирања, но никогаш да нема зла мисла или тенденциозно манипулирање. И мислам дека тоа многу успешно го правиме досега, па се надевам дека и понатаму ќе останеме да бидиме една од поатрактивните компании на македонскиот пазар во која луѓето сакаат да работат.

Сподели!
- Advertisement -