Милан Димитриевски: X Фактор Акцелератор од Велес ќе ја развива стартап сцената надвор од Скопје

- Advertisement -

X Фактор Акцелератор од Велес е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој е основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси. Неговата мисија е да го поттикне и регионалното претприемништво преку раздвижување на стартап сцената надвор од главниот град. Седиштето на акцелераторот е во строгиот центар на општина Велес, на ул. Борис Карпузов број 1, во деловни простории специјално опремени и дизјнирани за потребите на неговите корисници.

Проектот за негово стартување е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Светска банка, преку инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно – технолошки акцелератори.

- Advertisement -

За досегашните активности и плановите за наредниот период, разговараме со управителот на Акцелераторот, Милан Димитриевски.

Проектот започна пред 6 месеци. На што ставивте акцент во изминатиов период?

- Advertisement -

Со оглед на тоа што сме нов акцелератор, согласно проектниот план, првите два квартали ги посветивме пред се на активности за воспоставување на акцелераторот, опремување на просториите, како и екипирање и зајакнување на капацитетите на менаџерскиот тим. При тоа, започнавме да ја градиме и мрежата на партнери, при што воспоставивме првични комуникации со релевантните чинители на македонската стартап сцена, а ја официјализиравме соработката и со УКЛО – Битола и УГД – Штип, од каде очекуваме голем број стартапи во наредниот период.

Континуирана поддршка во овој процес добивме и од страна на ангажираните консултанти од страна на ФИТР, како и од Swiss Entrepreneurship Program (SwissEP), кои ни ја ставија на располагање менторската мрежа од светски експерти во разни области.

- Advertisement -

Исто така, остваривме контакти и со други потенцијални инвеститори, кои евентуално би се вклучиле како партнери во подоцнежните развојни фази на стартапите.

Со оглед на тоа што вие сте прв бизнис акцелератор надвор од Скопје, каков е првичниот интерес? Почнаа ли да ви се обраќаат стартапи кои се интeресни за вас и имаат солиден потенцијал за раст?

Изненадени сме од интересот, но уште повеќе од квалитетот на досегашните апликанти. Во изминатиот период од 3 – 4 месеци, откако ни е активна веб – страната и отворена можноста за аплицирање, интервјуира(в)ме, разгледува(в)ме и првично евалуира(в)ме повеќе од 40 стартапи. Посебно не радува фактот што од овие апликанти, веќе се издвојува група од десетина прилично атрактивни бизнис – идеи, за кои голема е веројатноста дека ќе влезат во тн. пред – акцелераторска фаза (поминувајќи ги првите филтри во евалуацискиот процес ), која ќе финишира со тн. Демо Ден, по кој Комитетот за одобрување инвестиции ќе донесе финална одлука за инвестирање во дел од нив.

Што се однесува до атрактивноста на стартапите, во оваа прилика ќе споменам само дека разговараме со претприемачки тимови кои нудат глобално интересни IoTрешенија, потоа автономни дронови со специфични софтвери за разни намени, развој на напредни софтверски решенија за менаџмент со човечки ресурси и глобална FinTech платформа, иновативни еко производи и AgriTech решенија, мобилни апликации во ХоРеКа секторот, како и производство на првите македонски воздухоплови, вендинг машини и др.

Од кои региони се стартапите? Во која фаза се наоѓаат тие?

Иако дел од овие стартапи се од Скопје, посебно сме среќни што повеќе од половината се лоцирани во другите поголеми центри во државата, што ја зацврстува вербата дека има голем претприемачки потенцијал во целата наша држава.

Product/Market fit е фазата во која се наоѓаат повеќето од нив, со креиран и пазарно валидиран производ/услуга,  при што клучните цели за наредниот период се поврзани пред сѐ со забрзување на процесот на комерцијализација, што всушност е и најпосакуван таргет на стартапи за нас. Има и интересни апликанти чија идеја е сеуште во почетна (Problem/Solution fit) фаза на развојот, но тие сега засега се во помал број.

На 1 јули, во вашите простории ќе го организирате првиот настан или тн. “Opening Meetup”. Кои се клучните цели на овој настан?

Со оглед на тоа што веќе имаме солидна база интересни стартапи за влез во пред – акцелераторската фаза, се одлучивме да не одиме само со настан за класично отварање, туку со meetup, во кој покрај воведниот церемонијален дел ќе има и работна панел дискусија, насловена како “Бизнис разговори за успешен стартап‘’.

Во првиот дел, воведно обраќање, меѓу другите ќе имаат и Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските сектори, д-р Кочо Анѓушев и Директорот на ФИТР Јован Деспотовски, а панелисти на работната сесија ќе бидат Михаил Китановски од Д2ЕМ Консалтинг, кој е наш водечки консултант, како и
д – р Игор Андреев, кој  е дел од менаџерскиот тим. Се разбира и останатите луѓе од нашиот тим, ќе бидат активно вклучени во дебатата, пренесувајќи им ги своите практични бизнис знаења на учесниците.

Со тоа всушност го започнуваме и серијалот од повеќе слични настани во пред – акцелераторската фаза, на кои сопствениците од првата генерација стартапи ќе имаат уникатна можност, со експертска поддршка да ги унапредат своите бизнис модели и да ги зајакнат вештините за градење тимови, маркетинг, продажба, финансии, проектен менаџмент, управување со ризици и сл.. На тој начин, сите тие значително ќе си ги зголемат шансите за успех на своите стартапи, независно од тоа дали ќе бидат финансиски поддржани од наша страна.

Настанот ќе биде одлична можност и за меѓусебно запознавање и вмрежување, како и споделување know – how и искуства помеѓу претприемачките тимови кои се во понапредна (Product/Market fit) фаза, со оние кои се во порана развојна фаза, на кои сеуште, клучниот предизвик им е креирањето на првичните верзии на производот/услугата.

Кои се наредните чекори што ги планирате? Кога може да се очекуваат првите инвестиции? Ќе може ли да се аплицира и понатаму во вашиот акцелератор?

Одлуките за првите инвестиции (во износ од максимум 30.000 евра) е планирано да се донесат најдоцна до септември – октомври оваа година. За стартапите во кои ќе инвестираме ќе креираме и custom – made акцелераторска програма, прилагодена согласно нивните специфични потреби. Програмата ја насловивме “Заедно растеме”, за да пратиме порака до претприемачките тимови дека од моментот на потпишувањето на Договорот за инвестирање ние стануваме партнери, а мониторингот од наша страна и стратешката поддршка која ќе им ја обезбедиме е во насока на раст на бизнисот, што е заеднички интерес на двете страни.

Паралелно со овие активности, сите заинтересирани тимови кои сметаат дека имаат интересна бизнис – идеја која е во согласност со нашите цели, ќе можат контиунирано да аплицираат и за вториот инвестициски циклус, кој се планира да започне во првиот квартал од наредната година. Можноста за аплицирање ќе ја оставиме да биде отворена до крајот на ноември 2019 година, за да им дадеме шанса и на студентите од УКИМ – Битола и УГД – Штип, со што ќе се зголемат шансите за раздвижување на стартап сцената и надвор од Скопје, што е и нашата основна мисија. Сите информации за процесот на аплицирање, условите и сл., може да се прочитаат на нашата веб-страна www.xfacc.mk, на која се наоѓаат и потребните апликациски форми.

Откако ќе го заокружиме процесот на почетно инвестирање во двата инвестициски циклуси, ќе следува фазата на дополнително инвестирање во максимален износ од околу 70.000 евра, и тоа во оние стартапи кои ќе покажат најголем потенцијал за раст. Се разбира, и за нив, но и за сите останати стартапи од нашето портфолио ќе реализираме активности за нивна промоција, во насока на привлекување дополнителни финансии во наредните инвестициски рунди.

Можностите за финансирање ќе се обидеме да им ја овозможиме и на дел од атрактивните стартапи за кои, средствата од проектираниот буџет нема да бидат доволни за поддршка на нивните бизнис – идеи. Тоа ќе го направиме преку зголемување на мрежата на индивидуални и институционални инвеститори од земјата и странство, вклучително и на претставниците од дијаспората, која контиунирано се проширува.

Сподели!
- Advertisement -