Во периодот од 6 февруари до 6 март 2019 година, македонскиот портал за информатичка и комуникациска технологија IT.mk спроведе опсежна анкета за состојбата на македонската ИТ работна сила. Анкетата, во која земаа учество повеќе од илјада професионалци од ИТ индустријата, прикажува клучни факти за програмерите, девелоперите, графичките дизајнери и професионалците од областа на дигиталниот маркетинг во Македонија.
Поделено во три секции, истражувањето опфаќа сумирани и обработени резултати за работните места на македонските ИТ професионалци, за нивните просечните примања, за полот, степенот на образование, добиените сертификати, за примарните технологии кои се користат за работа, за пречки при регрутација, најважни фактори при вработување, извори за барање работа и други клучни податоци. Анкетата укажува и на јасен родов јаз во платите и другите хонорарни примања меѓу професионалците во ИТ индустријата.
Слично како и кај програмерите, и секцијата за дизајнерите покажува дека повеќе од половина од професионалците се на возраст од 25-34 години. Како и во претходната група, и во оваа доминира машкиот пол: 72.61% од графичките дизајнери се мажи, а 27.39% жени. Степенот на образование најчесто е завршени дипломски студии, и голем дел од дизајнерите поседуваат некаков сертификат. Примањата имаат очекуван раст согласно искуството, а согласно технологијата највисоки примања имаат дизајнерите кои работат со векторскиот програм за Mac – Sketch. 43.92% од дизајнерите работат во домашни компании, а 31.22% работат фриленс. Просечната плата на македонските графички дизајнери изнесува 44.461 денари.
За разлика од програмерите и дизајнерите, професионалците од областа на дигиталниот маркетинг се претежно жени – 55.56%. Мнозинството од нив се на возраст од 25-34 години и иако најголем дел имаат завршено дипломски студии, 28.21% имаат завршено и постдипломски студии, а 68.97% поседуваат и сертификати. 44.96% од македонските маркетери работат во домашни компании, 27.91% во претставништва на странска компанија, а 13.95% работат фриленс. Најмногу заработуваат маркетерите кои работат за странска компанија и нивните примања се зголемуваат согласно искуството. Просечната плата на македонските маркетери изнесува 45.880 денари.
Целосните резултати од анкетата се достапни на https://www.it.mk/mapiranje-na-it-industrijata-vo-mk/